Истражување на австриски научници: ИНФЕКЦИЈАТА ШТИТИ КАКО ВАКЦИНА

од Stefanija Kuzmanovska
376 прегледи

Инфекцијата со коронавирусот ја дава речиси истата заштита како и вакцината, покажа истражувањето на Медицинскиот факултет во Грац. Научниците дојдоа до резултат дека оние кои се заразиле со коронавирус имаат 91 отсто помал ризик од инфекција во следните седум месеци.

Истражувањата покажаа дека нивото на имунитет на излекуваниот е само малку пониско од она предизвикано од вакцината на „Фајзер“, чијашто ефикасност е 95 отсто. Научниците заклучуваат дека инфекцијата со коронавирус предизвикува речиси исто ниво на заштита што ја имаат вакцинираните лица, барем за пократок период.

„Под лупа“ биле пациенти заразени во првиот бран на инфекција, од февруари до мај, кои биле следени во вториот, од септември до јануари. Во споредба со остатокот од населението во Австрија, тие имале значително посилна отпорност на инфекцијата.

– Ова значи дека имуноста на Сарс-КоВ-2 расте кај австриското население, но сè уште не знаеме во кој обем овој имунитет се однесува и на разни мутации на вирусот Сарс-КоВ-2 или колку долго и до кој степен трае заштитата од реинфекција во подолг временски период – се наведува во истражувањето.

Резултатите се слични на оние добиени од британски научници кои откриле дека скоро 90 отсто од заразените со коронавирус имаат антитела во своето тело шест месеци по инфекцијата. Податоците од февруари, на најголемата британска биомедицинска база на податоци, Велика Британија Биобанк, покажуваат дека 88 отсто од испитаниците имале антитела по шест месеци, додека по три месеци процентот бил 99 отсто.

Австриската студија е објавена во European Journal of Clinical Investigation.

Слични содржини