Новото репрезентативно истражување на Институтот „Отворено општество“ покажува дека поголем дел од Бугарите немаат доверба во државните институции, објави бугарски „Дневник“.
Во ранкингот на државни инсистуции со слаба или никаква доверба судот, владата, парламентот и политичарите се најдоа на последните места со недоверба од над 50 до над 70 отсто.
Слична е сликата во јавното мнение и за правдата и примената на законите – само 26 отсто од луѓето сметаат дека законите во Бугарија се праведни, и само 16 отсто ги сметаат за јасни и разбирливи.
При анализата на резултатите според етничка припадност и населено место се гледа дека Ромите, ниско образованите и луѓето од внатрешноста го сметаат бугарското законодавство за понепријателско од останатите анкетирани групи .
Сосема мал дел анкетирани веруваат дека законите се применуваат подеднакво кон сите или само осум отсто, а огромен дел или повеќе од три четвртини се убедени дека во правото има привилегирани и дискриминирани.
Само околу една третина од луѓето очекуваат дека во суд може да добијат праведен процес, но, затоа, три четвртини веруваат дека нема да се почитува нивното темелно право на суд и дека во затвор може да се најдат без суд и пресуда.
Приближно една третина од испитаниците биле на мислење дека судовите успеваат да ги контролираат и запрат владеачките партии од прекршување на законите и владеењето. Но, мнозинството од нив или 45 отсто проценуваат дека со суд или без него, владата не дејствува во рамки на законот.
Тенденциите не се изменети речиси ни малку од резулатите во 2015 година, кога беше спроведено истото репрезентативно истражување.
Треба да се има предвид дека голем дел од мненијата се индиректни, затоа што во 2016 година само 14 отсто од анкетираните се појавиле пред суд за некаков предмет, прецизира „Отворено општество“.
Според организацијата, ниската доверба во судот е еден од клучните показатели за проблемите на демократијата во Бугарија