Здравствените институции на САД ги повикаа своите граѓани да се вакцинираат против грип со надеж дека ќе избегнат двојни зимски инфекции, грип и коронавирус. Имено, ново истражување покажува дека вакцината против грип може да го намали ризикот од заразување со нов вирус.
Студијата, која сè уште треба да се ревидира, објавена од „ Scientific American“, покажува дека вакцината против грип може да го стимулира телото да произведува антитела кои се борат против пошироки инфекции, вклучително и коронавирусот. Резултатите се совпаѓаат со неколку неодамна објавени студии кои укажуваат на истите ефекти.
Во најновата студија, Михаи Нетеа, имунолог во Медицинскиот центар на Универзитетот Радбуд во Холандија и неговите колеги ја анализирале базата на податоци на болницата за да видат дали кај вработени, вакцинирани против грип во сезоната 2019/2020, имало помала веројатност да бидат заразени со Ковид-19. Се покажало дека вработените кои биле вакцинирани против грип имале 39% помали шанси да бидат заразени со коронавирус до јуни годинава. Откритието е објавено на веб-страницата MedRxiv.
Други фактори
Сепак, тие нагласуваат дека ова истражување сè уште не докажува ништо со сигурност.
„Ова е интересна студија, но не обезбедува непобитни докази“, рече Елен Фоксман, имунобиолог и клинички патолог од Јеил.
Тие сметаат дека треба да се земат предвид и други фактори, како што е фактот дека луѓето кои биле вакцинирани против грип, генерално, се посвесни за своето здравје и повеќе се грижат за себе, па затоа може да бидат поодговорни дури и за време на пандемија.
Со цел дефинитивно да се утврди дали вакцината против грип навистина штити од коронавирус, потребни се големи клинички студии на ниво на општата популација, посочуваат тие.
Тренинг на имунитетот
Нетеа и неговиот тим исто така спровеле лабораториски експерименти кои сугерираат дека вакцината против грип може да помогне и во оваа пандемија. Набљудувајќи ги клеточните промени, тие заклучиле дека инфекцијата може да биде полесна, доколку се појави.
Постои растечко истражување кое покажува дека претходните вакцини можат да му помогнат на телото да научи да се бори против други инфекции, освен оние за кои биле насочени. Клетките се учат на имунолошки одговор, а литературата покажува дека имунитетот се тренира.
Во моментов се спроведуваат истражувања низ целиот свет за тоа колку вакцината против туберкулоза, Bacillus Calmette–Guérin (BCG), исто така, штити од корона. Тоа е поврзано со намален ризик од инфекција, но сè уште нема конкретни заклучоци.
Досега има повеќе прашања отколку одговори. Но, експертите посочуваат дека вакцината не треба да се избегнува бидејќи може да има покорисни употреби отколку што се мислело.