Илјадници украински бегалски семејства се изложени на ризик да станат бездомници оваа зима и имаат четири пати поголема веројатност да завршат на улица отколку семејствата од Велика Британија, покажа истражувањето на британскиот Црвен крст.
Таа организација и Универзитетот Хериот-Ват во извештајот повикуваат на обезбедување дополнителни средства за украинските семејства, со цел да се спречи нагло зголемување на бездомништвото во таа група, пренесува Гардијан.
Во извештајот се наведува дека 6.220 украински бегалски семејства се очекува да аплицираат за поддршка за бездомниците до крајот на оваа финансиска година, што е зголемување од 13 отсто во однос на претходната година.
Истражувачите открија дека украинските семејства се изложени на далеку поголем ризик од бездомништво од другите семејства во Велика Британија.
Вкупно 298.430 семејства аплицирале за поддршка за бездомниците во 2022/23 година, што е 1,24 отсто од сите домаќинства во Англија во таа финансиска година.
Побарувачката за достапно домување низ Обединетото Кралство се зголемува, при што Украинците се особено изложени на ризик од бездомници поради ризикот од раскинување со станоиздавачите, јазичните бариери и тешкотиите при навигација на пазарот на домување.
Досега, повеќе од 192.000 Украинци пристигнале во Велика Британија преку две главни владини програми – Домови за Украина, каде британските семејства примаат бегалци и Украинската семејна шема, која им овозможува на Украинците да им се придружат на членовите на семејствата населени на Островот, пренесува Танјуг.