ИТАЛИЈА одлучи да воведе задолжителни тестови за Ковид-19 за сите патници кои доаѓаат од Кина, каде што бројот на заразени рапидно се зголемува, изјави италијанскиот министер за здравство. Италија, која беше прва во Европа што беше тешко погодена од коронавирусот во февруари 2020 година, откако се појави во Кина, сега е прва што воведе задолжителни тестови за патниците од Кина, која се бори со новиот бран на инфекции.
Главниот аеродром во Милано, Малпенса, веќе започна со тестирање на патниците кои пристигнаа од Пекинг и Шангај на 26 декември, а резултатите покажаа дека речиси секое второ лице е заразено.
„Мерката е неопходна за да се обезбеди надзор и откривање на можни варијанти на вирусот со цел да се заштити италијанското население“, рече министерот Орацио Скилачи.
Министерот не кажа какви мерки ќе бидат преземени за позитивните патници, но локалните здравствени власти во Ломбардија и Лацио рекоа дека ќе мора да бидат во карантин во специјални згради што ги издвојуваат локалните здравствени власти.
Јапонија ќе тестира патници од Кина од 31 декември, додека Тајван од 1 јануари. На првиот лет до Малпенса, 35 патници од Кина од 62 биле позитивни, а на вториот 62 од 120, изјави Гвидо Бертоласо, главен здравствен службеник во Ломбардија. Тој додаде дека резултатите од секвенционирањето на вирусот се очекуваат во четврток.