Одлуката е донесена по покренувањето истрага од страна на италијанското обвинителство за таканареченото „сараевско сафари“, односно наводите дека странци плаќале за да пукаат врз цивили во опколеното Сараево, објави Радио Слободна Европа.
Истрагата во Италија е покрената врз основа на пријава поднесена од писателот и новинар Ецио Гавацени, кој тврди дека за време на војната странски државјани плаќале големи суми пари за од позиции на Војска на Република Српска околу Сараево, најчесто „од забава“, со снајперско оружје да пукаат врз цивили.
Гавацени, по неколку обиди на Радио Слободна Европа да добие негова изјава, индиректно порача дека не сака јавно да настапува. Сепак, во меѓувреме во Милано одржал прес-конференција на која најавил дека во февруари ќе објави книга посветена на „сараевското сафари“.
Како што наведува, првите информации за присуство на странци на воените позиции околу Сараево ги забележал уште во 1995 година, во текст објавен во италијанскиот весник Corriere della Sera, по што започнал да пишува трилер на таа тема. Сепак, подоцна се откажал од проектот, сметајќи дека располага со премалку информации. На темата повторно ѝ се вратил во 2022 година, откако го погледнал документарниот филм Sarajevo Safari на словенечкиот режисер Миран Жупанич.
Се очекува Обвинителството во Милано јавноста да ја информира за резултатите од истрагата во март оваа година. Доколку биде подигнато обвинение и се докаже вината на осомничените, тоа би бил прв случај во Европа некој да одговара пред суд за снајперски убиства на цивили во Сараево.
Додека се чека исходот од истрагата во Италија, и правосудните институции во Босна и Херцеговина ги проверуваат овие наводи. Сепак, до денес ниту еден снајперист не е процесуиран по основ на лична одговорност за убиствата на цивили, вклучително и деца, во Сараево.
За време на војната од 1992 до крајот на 1995 година, странски новинари и фоторепортери повремено престојувале на позициите на српските сили околу градот. Радио Слободна Европа контактирало некои од нив, но ниту еден не можел да потврди дека лично видел странски државјанин кој платил за да пука врз градот.
Според податоците на здруженијата на жртви и пресудите на меѓународните судови, за време на речиси четиригодишната опсада на Сараево секое десетто убиено дете во градот загинало од снајперски куршум, а повеќе од 14.000 деца биле ранети.
И покрај тоа, до денес ниту еден снајперист не одговарал по основ на лична кривична одговорност, ниту пред домашните, ниту пред меѓународните судови. Хашкиот трибунал во пресудите против највисоките функционери на Република Српска заклучи дека снајперската кампања имала јасна цел „тероризирање на цивилното население на Сараево“.