Италија ја продолжи вонредната состојба до 15-ти октомври

од Nikola Popovski
197 прегледи

Горниот дом на италијанскиот парламент го одобрил во вторникот барањето на премиерот Џузепе Конте за продолжување на вонредната состојба до 15 октомври.

Опозициските партии го обвинија Конте дека сака да задржи премногу моќ во неговите раце, и покрај драматичниот пад на бројот на активно заразени, објави Ројтерс.

Сепак, горниот дом на парламентот, Сенатот, кој има вкупно 319 члена, го одобрил предлогот на Конте со 157 гласови „за“ и 125 „против“.

Конте го напуштил првичниот план за барање вонредни овластувања до крајот на годината.

„Многу опасен напад врз слободата“

„Шокиран сум. Конте тврди во Сенатот дека владата, без вонредна состојба, не може да донесе нормални одредби и закони. Тоа е огромна лага и многу опасен напад врз слободата“, напиша на Твитер, Џорџија Мелони, членка на екстремно десничарската партија „Браќа на Италија“.

Долниот дом, во кој коалицијата на популистичкото движење „Пет Sвезди“ и левоцентристичката Демократска партија има посилно мнозинство отколку во Сенатот, ќе гласа за предлогот на Конте во среда.

Италија се соочи со кризата, предизвикана од пандемијата на коронавирусот, во март и април, а вонредната состојба требаше да трае до 31 јули.

Во земјата се потврдени скоро 247 илјади случаи на инфекција со коронавирус, а 35123 лица починале.

Слични содржини