Италијанците работат во просек 32,8 години во текот на својот живот, што е втора најниска вредност во Европската Унија по Романија, првенствено поради доцното влегување на младите Италијанци на пазарот на трудот, објави порталот Sole 24 ore.
Просекот за Европската Унија е 37,2 години, додека Холанѓаните имаат најдолг работен век во ЕУ, 43,8 години.
Уделот на вработени Италијанци на возраст меѓу 15 и 24 години во Италија е само 4,7 проценти, додека во Германија е 10,1 процент, во Франција 9,1 процент, а во Шпанија шест проценти, предупредува италијанскиот портал.
Микро-претпријатијата со помалку од 10 вработени вработуваат значителен број млади луѓе – 22,4 проценти од нивната работна сила е составена од луѓе под 30 години, додека во големите компании тој процент паѓа на само 12 проценти.
Италија се соочува со драматичен егзодус на млади и образовани граѓани – 156.000 од нив ја напуштиле земјата во 2024 година, што е најголем број во последните 25 години. Банката на Италија предупредува дека намалувањето на работната сила би можело да го намали БДП за дури 11 проценти до 2040 година, објави „Фајненшл тајмс“ (FT).
Економистите велат дека без побрз влез на младите луѓе во работната сила, пензискиот систем на Италија е во опасност од колапс, а генерациската промена во економијата е тешка.