Италијанец со големо срце: 91-годишник ја нуди својата вакцина на мајка на тешко болно момче, но никој не сака да му ја исполни желбата!

од Nikola Popovski
223 прегледи

91-годишен Италијанец од градот Караре, ја понудил својата вакцина против коронавирус на мајката на 22-годишник, кој страдал од тешка форма на инвалидитет, пишува агенцијата Анса за необичниот дарежлив гест на човекот кој е во приоритетната група за вакцинација.

Според агенцијата, 91-годишниот Џовани го прочитал во локалниот весник „Ла нација“ апелот на родителите на болното момче кое побарало од регионот на Тоскана да ги стави родителите на децата со посебни потреби во приоритетната група со цел да го заштитат своето дете.

„Вакцинирајте ја мајката на Матео, ѝ треба повеќе, не смееме да ризикуваме да ја донесеме инфекцијата дома. Јас имав долг живот и имам големо семејство “, со овие зборови ја објаснил својата понуда искусниот Италијанец.

Сепак, како што пишуваат весниците, не е лесно да се спроведе оваа понуда, бидејќи тоа би претставувало преседан, но исто така би претставувало и ризик за здравјето и животот на старите лица и никој не сака да преземе таква одлука и ризик.

Во Италија, досега, од 62 милиони жители, 2,8 милиони лица се вакцинирани против Ковид-19, што е само 4,75 проценти од населението.

Тие кои припаѓаат на приоритетните групи сега се вакцинираат, а тоа се лицата над 80-годишна возраст, здравствениот персонал и вработените во училиштата.

Слични содржини