Италијанскиот весник Ла Верита во денешен текст со наслов „Битка помеѓу Кина и Русија за Балканот“, објави дека кинески „Синофарм“ го вратил авансот за предвидените вакцини за нас бидејќи Македонија ангажирала фантом фирма од Хонг Хонг.
„Фактот што приватна фирма, која нема стабилна основа, а има доволно средства депонирани во германската Дојче банк била вклучена од страна на македонската влада во посредувањето, во Пекинг отворило сомнеж дека можеби се наоѓаат пред обид за измама, и тоа довело до поништување на процедурата“, наведува Ла Верита.
Од владата признаваат дека соработувале со приватни фирми, за како што велат, побрза набавка на вакцини за граѓаните. Премиерот Заев негира дека тоа бил обид за незаконска набавка на кинеската вакцина.
„Апсолутно негирам какви било лоши намери или незаконско дејствување. Во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали како што очекуваат нашите граѓани. Јас, а и министерот за здравство ја информираше јавноста дека после две недели чекање на активности на Кинеската амбасада, ние директно преку Синофарм не можевме да добиеме контакти и дадовме нарачаки преку приватни компании кои МНР не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен“, соопшти денес премиерот Зоран Заев.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска исто така ги демантираше тврдењата на италијанскиот весник „Ла верита“ за набавката на кинеските вакцини. Според него, имало обид набавката на вакцините да се изврши преку приватни фирми, но, се покажало дека тоа не е правилниот пат, по што крајната одлука била да се набават преку кинеската амбасада и кинеското МНР.
„Апсолутно демантирам дека тоа е скандал или било што друго. Мислам дека е сериозен доказ дека се обидуваме апсолутно по сите канали да стигнеме до вакцините. Во однос на конкретниот случај после добиените дозволи од кинеското Министерство за здравство укажаа од кинеското Министерство за надворешни работи дека треба да се следи друг канал за набавка и тоа го послушавме и го направивме и затоа сега на некој начин се одолговлече тој процес, затоа се врати уплатата“, истакна Филипче.
ВМРО ДПМНЕ тврди дека денешните случувања покажуваат зошто Макеоднија нема вакцини.