Италијанскиот премиер пред обвинителите поради задоцнетите мерки за карантин: Дали ќе сноси вина?

од Nikola Popovski
150 прегледи

Италијанскиот премиер Џузепе Конте денес се соочи со обвинителите кои започнаа истрага за доцното воведување на мерки за изолација во два помали градови во Ломбардија, кои потоа станаа најтешко погодениот регион од епидемијата на коронавирус во Италија.

Според лекарите и виролозите, двонеделното одложување на воведувањето на карантинските мерки во Алкан и Нембр овозможило вирусот да се шири во Бергамо, град каде смртноста во март се зголемила за 571 процент во однос на петгодишниот просек, според лондонскиот „Гардијан“.

Со тим соработници, главната обвинителка Марија Кристина Рота утрово дошла во канцеларијата на премиерот во Рим, а покрај Конте, се очекува да ги сослуша и министрите за здравство и внатрешни работи, јавуваат медиумите.

Во текот на претходните денови, раководителот на Врховниот институт за здравство одговори на нејзините прашања.

Засега никој не е под истрага и не е јасно која кривична одговорност, доколку има, може да биде ставена на товар на функционерите поради одлуките што ги донеле, односно не донеле по избувнувањето на пандемијата.

Меѓу другото, истрагата треба да утврди дали воспоставувањето рестриктивни „црвени зони“ околу двата градови е одговорност на националните или регионалните власти.

По разговорите со претставниците на Ломбардија минатиот месец, Рота изјавила дека се чини дека ова спаѓало во надлежност на националните власти, додека кабинетот на Конте тврди спротивно, укажувајќи на регулативите што го уредуваат проблемот, како и примери на други региони кои имаат независно воспоставени „црвени зони“

На прашањето дали сега смета дека карантинот требало да се воведе порано, Конте во интервју за римскиот „Прес“ изјавил дека е мирен во врска со одлуките што ги донел и дека постапил според неговата совест и во согласност со позицијата на науката.