Иван Лотески од населбата Варош го фати крстот во Охридското Езеро

од desk2
86 прегледи
Иван Лотески од охридската населба Варош го фати Светиот крст што во осветените води на Охридското Езеро го положи митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј.

Лотески беше најсреќниот од неколкуте стотини верници кои денеска скокаа по крстот во Охридското Езеро, чија температура според утринските мерења изнесуваше седум Целзиусови степени.

– Скокам по крстот од мои 13 години. Денеска прв пат го фаќам крстот. Среќен сум и за ова живееме. Нека ни е за многу години празникот – изјави Лотески.

Владиката Тимотеј и градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски го дарува Лотески со златен синџир со крст и икона.

Точно напладне на Сараиште, во рамките на верскиот дел од прославувањето на Богојавление – Водици, ќе се врши масовно крштевање во осветените езерски води.

Централната манифестација во Скопје ќе се одржи напладне, кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го положи крстот во реката Вардар од мостот „Слобода“.