Иванишевиќ: Што се доби со дисквалификацијата на Ѓоковиќ од УС Опен?

од Vladimir Zorba
237 прегледи

Горан Иванишевиќ, тренерот на Новак Ѓоковиќ, смета дека најдобриот тенисер во светот не требал да биде дисквалификуван од УС Опен.

Во интервју за Спортклуб, Хрватот изјави дека Србинот немал среќа, а особено му пречело „ситењето“ на одредени локални медиуми.

„Не видов, но ја слушнав жената под нас како воздивнува и знаев веднаш тоа дека е збогум. Најтрагично во сè е што тој воопшто не беше лут кога го изгуби тој гем. Бесен беше на 5:4 и „џус“ кога ја шутна топката, кога изгуби три сет топки. Според мене, сè тргна наопаку од 5:4 и 0-40, комбинација на овие невозможни настани. Прво оној „челинџ“ – Карењо Буста веќе тргна кон клупата, Новак беше тој што застана и погледна, а дури потоа Карењо бараше „челинџ“. Да беше 6:4… “, вели Горан.

Поранешниот шампион на Вимблдон додаде дека е неверојатно што направиле американските медиуми.

„Не видов кога жената падна во живо, но тоа го сторив на снимка, мислам дека 3.877 пати. Не знам што да кажам паметно. Не зборувам за Новак сега, генерално сум против дисквалификација, за мене е бесмислено – ајде ако дојдеш и го срушиш судијата од столот, но ова беше сосема ненамерно. Мене ми пречи кога ќе видам дека пишуваат дека Новак ја исфрлил топката од лутина. Прво, тој воопшто не беше лут, немаше лутина во тој удар – нула. Тие натписи ме нервираат, не е важен фактот дека тој го изгуби сервисот. Некој пишува дека топката отишла 130 км на час, јас бев таму, тие не се нормални. Нема шанси, кој го пресметал тоа?“, прашува Иванишевиќ.

Тој исто така рече дека верува дека Новак брзо ќе се врати од сè и дека ќе биде уште подобар, но не му е јасно што се добило со неговата дисквалификација.

„Правилата се такви какви што се, или се предупредување или дисквалификација, што според мене е глупаво. Не сум објективен, но мислам дека тој не требаше да биде дисквалификуван, требаше да добие казнен-гем, Карењо требаше да го освои сетот и да се тргне од вториот. Што се добива со дисквалификација, што се покажува со тоа?“, прашува тренерот на Новак Ѓоковиќ.

Слични содржини