Иванов: Без отстранување на правната и политичката пречка не можам да доделам мандат

од Vladimir Zorba
85 прегледи

 

Се додека не бидат отстранети правната и политичката пречка не можам да го доделам мандатот за составување на владата, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за унгарската државна телевизија МТВА.

Според Иванов, постојат правен и политички проблем за определување мандат за состав на влада. Политичкиот проблем, односно тиранската платформа, според Иванов, е посуштествениот.

– Мнозинството беше обезбедено со уцена – да биде прифатена платформа на партии на Албанците од Македонија која е донесена во Тирана, во кабинетот на премиерот на Албанија. Тоа согласно нашиот Устав и согласно нашите закони е доведување на Македонија во подредена состојба и зависност на друга држава. Тоа е и казниво дело, но и се коси со заклетвата која сум ја дал кога сум ја презел функцијата Претседател, бидејќи јас не само што совесно и чесно треба да ја вршам функцијата Претседател, да го штитам Уставот и законите, јас сум одговорен за сувереноста, територијалниот интегритет и независноста на Македонија, вели претседателот Иванов за унгарската МТВА.

DW: Хојт Ји нема да се сретне со Иванов

Според него, доколку даде мандат на некого што прифатил платформа на туѓа држава ќе биде доведена во прашање независноста на државата.

– Ако дадам мандат на некого што прифатил платформа на туѓа држава, јас ја доведувам во прашање независноста на државата и таа одлука може да биде оспорена. Затоа, превентивно кажав, кога ќе се отстранат правната пречка и политичката пречка нема ништо спорно да се додели мандатот. Но, додека не бидат отстранети правната и политичката пречка не можам да го доделам мандатот, вели претседателот Иванов во интервјуто за унгарската државна телевизија.