Иванов: Извинување до Евреите ќе придонесе за поволна атмосфера во односите меѓу Софија и Скопје

од Nikola Popovski
419 прегледи

Бугарското министерство за надворешни работи вчера реагираше во однос на барањето на претседателот Стево Пендаровски за извинување од Софија во однос на прогонот на македонските Евреи во 1945 година од страна на тогашната профашистичка влада. Од таму велат дека „обвинувањето на Бугарија е дел од севкупната злонамерна политика на властите во Македонија, која има за цел да го претстави бугарскиот народ како „фашистички“. Посочуваат дека „Бугарија отсекогаш гледала на периодот на Втората светска војна со посебна грижа за сите 6 милиони Евреи кои загинаа во холокаустот, вклучително и 11.000 Евреи убиени во нацистичките логори на смртта“.

Од друга страна, дел од експертската јавност не се согласува со ваквиот став на бугарските власти.  Универзитетскиот професор Михаил Иванов и поранешен советник на екс претседателот Жељу Желев, во разговор за „Локално“ вели дека преземената одговорност за депортацијата на Евреите од Тракија и Македонија треба да биде непроменлив елемент на бугарската државна политика и да биде потврдена од следните бугарски претседатели и влади.

-Згора на тоа, Бугарија и должи извинување на еврејската заедница и особено на потомците на невините жртви за принудното префрлање (депортирање) на повеќе од 11.000 Евреи под ужасни услови во соработка со Германија, што според Статутот на Нирнбершкиот трибунал е злосторство против човештвото. Несомнено, ваквото извинување, кое го диктира човечкиот морал, ќе придонесе за поволна атмосфера во односите меѓу нашата земја и Северна Македонија. Во оваа смисла, мислам дека апелот на господинот Пендаровски е во вистинска насока, посочува Иванов.

Тој се потсетува и на говорот на поранешниот бугарски претседател Георги Прванов пред бугарскиот парламент пред речиси 20 години.

-На 11 март 2003 година, во својот говор пред парламентот по повод одбележувањето на Денот на жртвите на холокаустот и спасувањето на бугарските Евреи, претседателот Георги Парванов изјави дека „не треба да бегаме од темата за одговорноста на тогашната влада за судбината на оние 11.343 бугарски Евреи од Македонија и Тракија кои беа лишени од државјанство и депортирани во логорите на смртта. Во 2008 година тој ја потврди одговорноста на Бугарија за судбината на Евреите депортирани од Тракија и Македонија во логорите на смртта, коментира професорот.

Друг универзитетски професор Љубомир Ковачев во изјава за „Локално“ вели дека депортацијата на Евреите од географската област на Македонија не започнала во март, туку веќе во јануари 1943 година со еврејското население во Солун.

-Депортацијата, како и во другите градови, се случи на експресно инсистирање и под целосна контрола на претставниците на нацистичка Германија, потенцира Ковачев.

Сепак тој ја критикува изјавата на Пендаровски.

-Претседателот долева масло на огнот и работи против европската иднина на Македонија. Ако господинот Пендаровски навистина сакаше добрососедски односи, прво требаше да каже дека Бугарија е единствената земја во Европа, сојузник на Германија, која не се придржува на нејзиниот притисок и ги спасува сите свои Евреи, оценува професорот.

Н.П.

Слични содржини