„Во тој дел да не реагира директно владата, да не подлегнува на провокациите од Софија, јас ја поддржувам на тој дизајн на однос. Сепак, нешто друго ме загрижува, а тоа е уште пред ветото на Бугарија, нашата дипломатија, нашата политичка елита не превенираа на донесената Декларација во Бугарското собрание“, изјави новинарот Зоран Иванов за емисијата „24 анализа“.
Според него, бугарската политичка елита и опозиција се закопаа самите во себе, по сопствен избор и желба и пратиле силна порака и на Европа и на ЕУ дека нема да остапат без разлика на исходот од изборот.
„Изборите кај нив воопшто не се пречка за ставовите на бугарската политичка сцена во однос на Македонија. Нашата дипломатија замрзна, како се хипнотизирани, нема ниту тајна, ниту јавна дипломатска активност. Не создадовме амбиент да ги објасниме работите што практично бугарската страна ги вади од пред 100 години, па наваму“, вели Иванов, додавајќи дека не верува дека ќе се реши спорот до крајот на оваа година, со ваква дипломатска активност.