Изминатиот викенд долго ќе се памети за македонската атлетика. Дарио Ивановски стана атлетски шампион на ЕП за мали земји. Најдобриот македонски атлетичар, Ивановски оствари уште еден импресивен резултат во својата кариера, откако се закити со титулата на Европското првенство (ЕП) за мали земји кое се одржa во Малта.
Ивановски настапи на трката на 5000 метри и патеката ја мина за време 14:08.99 минути, што му донесе убедливо прво место пред Максим Илеану од Молдавија (14:24.72) и Дилон Касар од Малта (14:45.13). Ова е уште еден голем резултат за Дарио Ивановски, член на АК Делта, кој редовно и достојно ја претставува Македонија надвор од нашите граници на атлетските собири.
На Европското првенство за мали земји трчаше и Јован Стојоски, кој настапи во две категории. Во првата, на 100 метри, го освои второто место со време 10.69 секунди, заостануваше 0.010 зад победникот Колбејн Ходур Гунарсон од Исланд. Втората беше трка на 400 метри во која го освои третото место со време 47.47 секунди, зад победникот Франко Бурај од Албанија (46.48 секунди) и Тео Андант од Монако (46.91 секунди).
Уште една одлична вест. Андреас Трајковски постави нов македонски рекорд на 100 метри во Копенхаген, Данска. Тој истрча одлично и постави нов рекорд на 100 метри на атлетскиот митинг во оваа скандинавска земја.
Трајковски, кој е роден во Данска, но пред извесен период се реши да настапува за Македонија и е претставник на АК Работнички, патеката во Копенхаген ја истрча за време од 10 секунди и 50 стотинки, со кое го освои третото место во генералниот пласман.
Овој резултат беше доволен за нов македонски рекорд. Досегашниот рекорд на наш атлетичар на 100 метри го држеше Јован Стојовски, кој оваа година на први мај ја мина патеката на „стотка” со време 10.59 секунди.
Уште една вест за успех на македонската атлетика. Адријана Поп Арсова освои балканска бронза во Карловац, Хрватска. На балканските трки, за првпат оваа сезона се одржуваат трки на десет километри на пат, а на својот дебитантски настап на ваков натпревар, Македонката дојде до успех. Поп Арсова, членка на АК Делта, се пласираше на третото место и се закити со бронзата на овој собир.
Иако првпат се натпреваруваше на десет километри на пат, Поп Арсова по добро ќе ја памети трката. За неа ова е нов успех во богатата кариера.
И за крај, викендов во Бар, Црна Гора се одржа Балканското првенство за млади младинци во атлетика на кое зедоа учество нашите млади идни атлетски ѕвезди и покажаа добри резултати.