Ивановски: Можно е Орбан да го повлече азилот за Груевски

од Vlatko K
76 прегледи

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, во изјава за печатеното издание на „Слободен печат“ објаснува дека азилот што Унгарија му го додели на екс премиерот Никола Груевски значи дека тој сега е слободен човек во таа земја, но исто така значи дека ќе биде веднаш уапсен ако се обиде да ја напушти таа држава.

 – Сите медиуми пренесоа дека азилот ќе ја спречи екстрадицијата на Груевски во Македонија, но тие заборавија да спомнат дека ако се раководиме по Меѓународната конвенција, азилот може во секој момент да се отповика. На нас останува да ги почекаме резултатите од притисокот кој допрва меѓународната заедница ќе ѝ го изврши на Унгарија, па останува да се надеваме дека унгарскиот премиер Виктор Орбан конечно ќе се опамети и ќе го повлече азилот.

Ако реално гледаме, поради тоа што Груевски во моментов има азил, тој треба да биде однесен во камп за бегалци, меѓутоа, неговото пријателство со Орбан му овозможува целосна слобода и нормален живот. Сите веќе ја видоа грдата слика што ја создава Унгарија и изживувањето на Орбан врз демократијата и врз принципите на владеењето на правото – објаснува Ивановски.

Без оглед дали ќе биде екстрадиран или не, за него ќе се водат предметите и ќе се изрекуваат казни за сите злодела што ги направил. Ќе му се суди во отсуство додека тој се крие во Унгарија, а во моментот кога ќе стапне на македонска територија, веднаш ќе биде однесен на отслужување затворска казна согласно пресудите – објаснува Ивановски.