„Нашата ќерка, Ивона Антова, 21-годишно девојче со огромно срце и љубов кон животот, планинарењето и модата, трагично го загуби животот на 16 март 2025 година. Но таа не беше само жртва на пожарот – таа беше оставена сама, беспомошна, претепана и без медицинска грижа, додека бараше спас“ – објави семејството на една од жртвите во трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани преку потресен апел на социјалните мрежи.
Оттаму велат дека „Ивона не беше само жртва на пожарот – таа беше оставена сама, претепана, без помош. Снимила сè – како ја буткаат, како паѓа, како моли за рака, а никој не ѝ помогнал“. Информираат дека девојката со последни сили снимала и документирала како се обидува да се спаси, па наместо подадена рака, добила удари и игнорирање од луѓето околу неа.
„Во тие последни часови, Ивона самата ја снимила својата борба, како ја буткаат,паѓајќи на земја,молејќи се за помош, повикувајќи „брааат, дај рака, помогни“ ,брат,браааат– но никој не ѝ подаде рака. Наместо спас, добила удари и игнорирање од тие што биле околу неа“, стои во објавата.
„Ја најдовме во болницата – оставена сама на интерно одделение, без кислород, само покриена со ќебе, на перница со флека од последните здивови. Татко ѝ ја најде легната на страна, со рачето под главата, како да се обидела да стане, а не можела. Јас, нејзината мајка, не можев ни да ја видам – бев во шок, приклучена на инфузија, а срцето ми умираше со неа“, се вели во објавата.
Ивона не починала веднаш од пожарот, објаснуваат од нејзиното семејство.
„Таа беше до вратата за излез,чекајќи се бореше, снимаше цело време и сликаше како ја бутаат другарите,се молеше за помош, но беше оставена од сите. Не доби помош кога најмногу ѝ требаше. Бараме правда за нашето чедо. Бараме тие што затаија и тие што ја оставија да одговараат. Бараме да не се заборави оваа неправда – затоа што никое дете не заслужува да умира само, во болка и страв. Љубовта кон Ивона нема никогаш да згасне. Ќе се бориме за неа, како што таа се бореше до последниот здив“, стои во апелот на семејството на жртвата.