Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека редовните парламентарни избори би можеле да се одржат во мај следната година, но додаде дека преговорите со коалициските партнери се уште траат.
-Верувам дека изборите би можеле да се организираат во мај, во нивниот редовен мандат, најави вчера Ковачевски.
Тој додаде дека во моментов се разговара за финализирање на законот за избори и вклучување на сите предлози на ОБСЕ.
-Законот во голема мера е завршен и многу брзо ќе се најде на владината седница, но и на собраниската седница, рече македонскиот премиер.
Ковачевски истакна дека неговата СДСМ има јасен коалициски договор со ДУИ.
-Договорот беше објавен во 2020 година. Сега се разговара за модалитетите. Целта е формирање на европска коалиција, истакна премиерот.
Тој додаде дека при формирањето на коалицијата, од клучно значење е да се споделат „заедничките вредности кои се однесуваат првенствено на визијата за модерно општество и модерна држава со економски просперитет, социјална правда и демократија на највисоко ниво, слобода на медиумите и владеење на правото“.
Ковачевски смета дека на изборите ќе победи европската коалиција која ќе ја предводи СДСМ, а околу која ќе бидат обединети повеќе партии.
Кога се прават коалиции, рече Ковачевски, не се работи за убедување, туку за следење на заеднички вредности.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период интензивно повикува на одржување заеднички претседателски и парламентарни избори во мај идната година. На ставот дека двата изборни циклуса треба да се одржат заедно е и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.