
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа за пратеници во Четвртата изборна единица Никола Груевски вчера од Пробиштип ја претстави нивната слика за излез од кризата, а тоа е Коалицијата за подобра Македонија да добие 63 пратенички места.
– Видоа дека ќе изгубат, па сега велат дека разликата ќе биде мала и дека ќе прават голема коалиција. Голема коалиција е само пролонгирање на кризата, а исто така и продолжувањето со работа на СЈО, надвор од законските 18 месеци. Сето тоа е продолжување на кризата со цел да се остварат туѓи интереси. Бараат начини како кога ќе изгубат да ја пролонгираат кризата. Има само еден начин да се излезе од оваа криза, а тоа е поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за 63 пратеници, рече Груевски.
Тој најави дека во следниот период планираат зголемување на просечната плата со отворање на нови работни места, како и зголемување на пензиите и социјалната помош.
– Планираме во идните четири години да отвориме 70.000 нови работни места. Само преку мерката за самовработување се вработени над 12.000 лица, а сигурно бројката ќе беше поголема да не постоеше кризата. Извозот порасна за четири милијарди, а да потсетам дека во 2005 изнесувал само една милијарда. Извозот и увозот во времето на СДСМ се помали само од извозот во моментов. Дадовме под закуп над 60.000 хектари земјиште, овозможивме над 2.000 трактори и механизација преку принципот 50/50, се изградија над 74 нови училишта, преведовме и испечативме над 1000 книги и учебници на кои се учи на десетте реномирани факултети во светот, изградивме и многу тениски и фудбалски игралишта, истакна Груевски.
За разлика од него Али Ахмети, лидерот на ДУИ смета дека таа е најлегитимната партија која ги претставува Албанците и која најмногу придонела за промена на нивната нова историја
Ахмети очекува ДУИ да победи на изборите на 11 декември, бидејќи без оваа партија нема да функционира ниту Владата, ниту законите.
Тој најави реализација на повеќе проекти, кои треба да го подобрат животниот стандар на граѓаните, додавајќи дека во Западна Македонија веќе биле отворени 2.000 работни места, а во план е изградба на економска зона во Липково.