Изборната кампања е при крај, партиите ветуваат економски развој и вклученост на младите во сите процеси

од Берта Китинска
292 прегледи

Изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули е при крај. Партиите пред граѓаните ветуваат правда која ќе функционира неселективно и транспарентно, подигната економија и развој за наредниот период, вклученост на младите во сите општествени процеси. Апелираат граѓаните целосно да ги почитуваат протоколите за заштита и на 15 јули да излезат на гласање.

Партиите своите изборни програми и денеска ќе ги претстават на средби со граѓаните, во помал формат согласно здравствените протоколи. СДСМ и Коалцијата „Можеме“ денеска се во Шуто Оризари и Демир Хисар. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ ќе бидат во посета на скопските општини Чаир, Аеродром и Гази Баба.

Карванот на Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ ќе ги посети скопските општини Ѓорче Петров, Гази Баба, Бутел, Карпош и Центар. Прес-конференции ќе имаат Демократскиот сојуз,„Твоја партија“…

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера од Прилеп порача дека сме призната држава во целиот свет, остварени се стратешките цели, државата и нејзините идентитет и јазик се признати во светот, економијата е подигната и во државата има пари за граѓаните.

– Имаме свој територијален суверенитет и интегритет. Денеска сме земја членка на НАТО на која и се гарантирани безбедноста и стабилноста. Во оваа наша Република Северна Македонија живеат Македонци и зборуваат на македонски јазик, официјален и признат од целиот свет. И соседите постојано споменуваат македонски народ и македонски јазик, а неодамна во Грција е преведен нашиот Блаже Конески. Денеска добивме сѐ за што се бореле нашите предци. Но, политичките опоненти продолжуваат со лажен патриотизам да негираат, па дури и Блаже Конески го нарекуваа „Џуџето од Небрегово“, рече Заев на трибината во Прилеп.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Коалицијата „За обнова на Македонија“ вчера беа во Дојран, Богданци, Валандово и Гевгелија.

– Ова не се обични избори, туку избори на кои одлучуваме во каква Македонија сакаме да живееме. Ова се избори меѓу различни концепти, помеѓу стари потрошени политичари кои нема што да понудат и луѓе кои што со себе имаат визија, лично минато но и решение за сите предизвици кои ќе се испречат на патот до нашиот сон, нагласи Мицкоски во Гевгелија. Посочи дека заминува срамното и понижувачко време на корупција, криминал и понижување и дека доаѓаат најдобрите четири години за овој народ со кого повеќе никој нема да владее, најмалку политичките елити затоа што политичарите се тие кои треба да му служат на народот.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети синоќа во Гостивар рече дека граѓаните ќе гласаат за ДУИ. Порача дека се залага за ветинг за функционерите и во општестевниот живот. Оцени дека како партија реализирале голем дел од програмата и додаде оти никогаш не се двоуми да даде отчет за постигнувањата.

Одоговарајќи на пораките на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека за ДУИ е најдобро да оди во опозиција и оти нема да имаат премиер Ахмети наведе дека за тоа одлучуваат само гласачите и оти Заев нема да биде премиер.
Преседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, пак, пред граѓаните на Кичево соопшти дека граѓаните се определиле за политичка промена.

– Моја мотивација е да го задржиме Албанецот тука, Албанците ќе се унапредуваат и нема да се избркаат. Педесетина луѓе треба да одговараат пред вас. Вие на 15 јули гласајте, ние ќе ги носиме промените, порача Села.

Слични содржини