Државната изборна комисија (ДИК) попладнево на 128 седница ги усвои роковите за сите дејствија за одржување на Локалните избори 2025, откако претходно денеска нив ги распиша претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.
Изборната кампања за првиот круг почнува на 29 септември во 00.00 часот и трае непрекинато до 17 октомври до 24 часот. За вториот круг изборната кампања трае до 31 октомври до 24 часот.
До 13 септември до 24 часот е рокот до кога ќе може да се поднесуваат листите на кандидати на учесници на изборите до општинските изборни комисии. Ждрепката за редни броеви на гласачко ливче ДИК ќе ја организира најдоцна до 25 септември. Најдоцна до 16 октомври, односно три дена пред изборите, сите подносители на листи со потврдени кандидати имаат право да достават предлози за овластени претставници односно набљудувачи на изборите до изборните органи – до ОИК и за набљудување на денот на гласање за избирачките одбори.
Медиумите имаат право да извршат регистрација најдоцна три дена од распишувањето на изборите, односно до 12 август до 24 часот. Регистрацијата на медиуми може да се направи на посебен службен мејл на ДИК објавен на веб-страницата или непосредно во архивата на Државната изборна комисија. Најдоцна до 14 август до 24 часот медиумите треба да ги достават ценовниците.