Изборните комисии работат на потврдување на листите за градоначалници и советници

од Берта Китинска
194 прегледи

Општинските изборни комисии веќе ги потврдуваат листите за кандидати и советниците за локалните избори на 17 октомври.

Сите ОИК во својство на изборен орган должни се да ги почитуваат одредбите од Законот за заштита на личните податоци, согласно кој децидно се уредува заштитата на лични податоци и правото на приватност во врска со обработка на нивните лични податоци, рече на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК), потпретседателката Дитмире Шеху.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски исто така нагласи дека Општинските изборни комисии мора да внимаваат бидејќи, како што рече, покрај тоа што давањето лични податоци е забрането со посебен закон, казниво е и според Кривичниот законик и некои дејствија што ќе се преземат по тој повод ќе зависат од од органите на прогон.

Изборната комисија на Град Скопје веќе ги потврдила листите на кандидатите кои ден пред истекот на рокот ги доставиле своите кандидатури и тоа на Левица и за советници и за градоначалник и на Бошњачки демократски сојуз. За градот Скопје поднесени се 12 кандидатури за градоначалник и 15 листи за советници, што е најмногу во споредба со другите општини.

Вкупно, во сите 80 општини и Градот Скопје поднесени се 297 кандидатури за градоначалник и 546 листи за советници.

ОИК листите најдоцна до 18 септември треба да ги достави до Државната изборна комисија, за потоа да се одржи жрепка и огласување на листите.

Слични содржини