Изборот на Зибери за правобранител на дневен ред во Собранието, кворумот е се понеизвесен

Изборот за нов Народен правобранител е денес на дневен ред на 32. собраниска седница.

За нов правобранител е предложен Насер Зибери, но се уште е неизвесно денешното негово гласање, поради фактот дека владејачкото мнозинство има болни од Ковид 19 во своите редови, па оттаму нема да биде постигнат кворум во собраниската сала.

Инаку, за потсетување, Насер Зибери беше предложен за народен правобранител од редовите на ДУИ, но против неговата кандидатура застана пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Зибери кој е нотар, беше кандидат за премиер на ДУИ во кампањата за последните парламентарни избори.

По скратена постапка на оваа седница се предложени и дополнувањата на Законот за јавните набавки, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предложени од пратеници од владејачкото мнозинство.

Мѓудругото, на денешната седница, на дневен ред ќе бидат и дополнувањата во рамки на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства, Дополнетиот Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и Дополнетиот Предлог на Закон за рамномерен регионален развој, инаку сите во второ читање.

На оваа 32. седница пак, во прво читање се неколку закони, меѓу кои дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, измените на Законот за чек, измените на Законот за давање на финансиски услуги на далечина, измените на Законот за детективската дејност и други.

На 32. седница предложениот дневен ред е со 49 точки, а меѓу нив се и Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, Предлог на одлука за одобрување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија за 2020 година, барања за согласности и финансиски планови и годишни извештаи на повеќе институции и комисии.

 

Слични содржини