Актуелно
Почетна / Култура / Избрани четири финалистки за наградата ДЕНЕС за млад(а) визуелен(а) уметник(чка) до 35 години

Избрани четири финалистки за наградата ДЕНЕС за млад(а) визуелен(а) уметник(чка) до 35 години

Организациите Факултет за работи што не се учат (ФР~У) Битола/ Скопје и Центарот за современи уметности – Скопје, по петнаесетти пат го организираа процесот за доделување наградата ДЕНЕС 2020 за млад(а) визуел(е)на уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која вклучува критичко и естетско размислување и делување, и е единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава. Оваа значајна и независна награда означува двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во 2020 година.

Отворениот повик траеше од 15 октомври до 5 декември, 2019 година и се пријавија повеќе кандидати.

Жири комисијата во состав: Верица Ковачевска, уметничка и последна добитничка на наградата ДЕНЕС, Биљана Тануровска – Ќулавковски, курторка во областа на современите изведувачки уметности и коосновачка на Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста во Скопје и Алберт Хета, уметник и уметнички директор на Стацион – Центар за современа уметност во Приштина, одбра четри финалистки кои понатаму ќе се натпреваруваат за наградата која ќе се додели во април 2020 година.

Во изборот на 4 финалисти влегоа:

– Ана Јовановска
– Ана Лазаревска
– Симона Манчева
– Елена Чемерска

По овој процес на одбирањето на финалистките, следува изработка на ново дело кое ќе се претстави на групна изложба на 15 април 2020 год. во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје а жирито, кое ќе се дополни со два члена од интернационалната уметничка сцена, ќе ја избере и добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited.

КРАТКО ОБЈАСНУВАЊЕ ОД ЖИРИТО

Верица Ковачевска, Биљана Тануровска Ќулавковски, Алберт Хета

Четворицата избрани финалисти за наградата ДЕНЕС 2020 за млад(а) визуел(е)на уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години се: Ана Јовановска, Ана Лазаревска, Симона Манчева и Елена Чемерска.

Жирито одлучи да ги номинира овие уметнички затоа што нивната тековна уметничка практика, повеќе од другите апликанти, ги исполнува сите критериуми за наградата ДЕНЕС.

И покрај тоа што многу од апликантите оваа година имаат интересно творештво, жирито сметаше дека избраните четри имаат развиено свој и специфичен пристап кон создавањето уметност кое треба да биде поддржано во овој момент преку изложбата и наградата.

Учеството на изложбата ќе им овозможи да рефлектираат и да ја преиспитаат својата уметничка практика и да го зајакнат нивното, веќе значајно присуство на уметничката сцена. Покрај тоа, наградата може да го продолжи нивното истражување и уметничка артикулација преку интернационалните средби.

Уметничката практика на избраните финалистки е доста разновидна, но заеднички именител е дека нивниот уметнички пристап се заснова на размислување, истражување и експериментирање. На пример, некои од нив се ангажираа во амбициозни дела и се занимаваат со важни локални и глобални теми, додека други се обидоа да комуницираат и да донесат позитивна промена во нивната локална заедница. Жирито, на тој начин, ги избра овие уметници во форма на гест на покана: Можеме да ја забележиме потенцијалноста во нивната уметничка практика и затоа ги покануваме да ја засилат и истражуваат понатаму.

Делата на Јовановска се фокусираат на истражување на материјали, форми, симболи, говор, звук и јавен простор и нивна комуникација и влијание врз субјективноста. Подеднакво, таа истражува како политиката на економијата и социо-политичкиот контекст влијаат на уметничките дела, и на уметничкиот свет. Таа се обидува да ги отвори делата преку концептот на партиципација, меѓутоа, истовремено преиспитувајќи ја. Покрај тоа, нејзината субверзија на капиталистичкиот/те дериват/и како што е конзумеризмот е направена преку преместување и фикција. Наградата ќе и овозможи да пробие низ проблемите и да ја развие една од најновите перспективи понатаму.

Лазаревска ја истражува потенцијалноста на телото, неговата релација со предметите и звуците, и како тие произведуваат афекти на телото и влијаат на формирањето на себството. Нејзината релација кон телото варира, од тивка интроспекција на телото со и без органи, преку неговите екстензии, што таа ги наоѓа во новите медиуми и технологија. Нејзиниот настап е понекогаш соматски и/или перцептивен, ја вклучува јавноста како гостин, но и како активен продуцент на перцепција. Наградата ќе и овозможи да ги продолжи своите истражувања и да префлектира на перформансот како уметнички пристап.

Уметничкиот концепт на Манчева во последно време работи на развој на близината помеѓу естетиката и животната средина. Таа се фокусира на различни социјални и тековно важни теми на локално и глобално ниво, како што се социјалното вклучување, демократијата, граѓанските права и екологијата, на тој начин рециклирајќи ги и оживувајќи ги. Проблематизирајќи ги општествено итните проблеми, таа се занимава со политичкото како начин на конституирање на општеството со антагонизам, што е дел од нејзиниот пристап. Наградата ќе и овозможи да продолжи да го развива својот политички уметнички пристап или да продолжи понатаму во истражувањето на положбата и улогата на уметникот во општеството.
Чемерска со својот последен проект покажа отстапување од дводимензионалноста во нејзината работа. Таа го стори тоа преку реформирање на јавниот простор, уметноста во јавниот простор и нејзината поврзаност со локалната заедница. Таа, исто така, ја прошири својата работа во јавниот простор преку различни поврзани активности, како и други медиуми, како што е уметничка книга. Наградата ќе и овозможи да се сретне и да рефлектира на други проблеми поврзани со нејзиниот неодамнешен концепт на интерес.

КРАТКИ БИОГРАФИИ НА УМЕТНИЧКИТЕ:

Ана Јовановска е родена во 1991 година во Куманово. Дипломирала при Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Македонија во мај 2014 година, како графичар и графички дизајнер. Студира еден семестар како Еразмус стипендист при Факултетот École supérieure d’arts & médias de Caen/Cherbourg во Франција. Учествува на повеќе групни изложби во Македонија, Србија, Грција, Бугарија, Босна и Херцеговина, Романија, Чешка, Полска, Русија, Италија, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Мексико, Аргентина, Колумбија, САД, Велика Британија итн. Ана Јовановска истражува теми кои имаат социјален елемент, применува елементи од тактилна реалност, како што се колажи и пронајдени предмети врз прашања и ситуации како нематеријални, притоа ставајќи ги во нов контекст. Истражува како перспективите функционираат со човечкото уредување и устројство, почнувајќи од комуникацијата на идеја, јазик, симболи и знаци, слика … полемирајќи дека „структурата на општеството е на многу начини условена од структурата на самиот јазик“.

Ана Лазаревска e родена во 1987 годината, живее и работи во Скопје, Северна Македонија. Како визуелен уметник, преку користење нови технологии и партиципативни пракси со интерактивни инсталации и перформанс, обработува теми поврзани со перцепцијата. Предизвикувајќи ги сензорните сетила, таа става акцент кон себе рефлектирачко искуство. Преку колективната работа, таа ја испитува врската помеѓу социјално прифатените норми и природната состојба на битието.

Нејзините дела биле изложени на самостојни изложби во Северна Македонија: “Внатре и надвор од себството” изложба во соработка со Џанан Чу во Национална Галерија, Мала станица (2019), “Од тело кон тела низ водени форми” МКЦ (2018), “ Внатрешни траги” независен простор Кула (2014), “Обсесија” Национална Галерија, Мала станица (2014), “Визуелна приказна” Национална галерија, Кавадарци (2011), “Визуелна приказна” Културен центар “ЦК” (2010) и повеќе групни изложби од кои “IN BETWEEN STATES: New Art from North Macedonia” во Пикок Галерија во Абердеен, Шкотска и Музиеј на град Скопје (2019), Биенале на млади уметници во Музеј на Современа Скопје, С. Македонија (2018), Паратисима во Торино, Италија (2014) и други.

Во текот на нејзиното творештво, Лазаревска учествувала на проекти, уметнички резиденции и собири во Македонија, Австрија, Франција, Хрватска и Либан.

Симона Манчева е родена во 1989 година во Квадарци. Таа има магистрирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа ги има остварено следните самостојни изложби и проекти: „Индукција на права, (уметничка книга), во рамки на “Која пудра најдобро покрива модрици„ , ХОПС- Опции за прав живот Скопје; „Сопство“, Младински Културен Центар-Скопје; „Рециклиран материјал“, (заедно со Марија Дичова) Ц.К. „Марко Цепенков“ – Прилеп; „Идеализирање“, Музеј- Галерија Кавадарци; „Црвено Небо“, Мобилна/ Монтажна галерија ЦАЦ , Скопје; „Секс Шоп’, Отворено Графичко Студио- Музеј на Град Скопје, „Црвено Небо“, ЦАЦ Мобилна/ Монтажна галерија, Кавадарци итн.

Елена Чемерска е родена во 1991 година во Скопје, Македонија. Моментално живее измеѓу Скопје, Северна Македонија и Берлин, Германија. Таа е магистер на уметност и дизајн по уметност, Master Institute of Visual Cultures, AKV St. Joost Academy of Art and Design, Сертогенбош, Холандија. Таа ги имала следните изложби: “Monumental Fluxus”, Expoplu, Најмеген, Холандија; “Monument to Freedom- Conversations”, изложба и промоција на книга, Private Print Studio, Скопје, Северна Македонија; “RESTART”, Младински културен центар, Скопје, Северна Македонија; “What Do We Dance For?”, Галерија Nectar, Тбилиси, Грузија; Биенале на млади уметници, Музеј на современа уметност, Скопје, Северна Македонија; Проекција “Transition”, Eye Research Lab, Eye Museum, Амстердам, Хоалндија итн.

loading...