Избрани дополнителните заменици министри во техничката Влада

од Stefanija Kuzmanovska
638 прегледи

Собранието на денешната 142-ра седница ги избра замениците министри и дополнителните заменици министри во новата техничка Влада, чиј мандат ќе биде до изборот на новата влада по парламентарните избори закажани на 8 мај.

Освен заменик-министрите во 16-те ресори на Владата, избрани се и дополнителни заменици-министри во пет министерства. Станува збор за министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за финансии, за земјоделство, водостопанство и шумарство и за информатичко општество и администрација, предвидени со Законот за Влада, во делот што се однесува на составот на преодната Влада, која се избира 100 дена пред парламентарни избори.

За дополнителен заменик министер за внатрешни работи од редовите на СДСМ е избран Митко Бојмацалиев, а за дополнителна заменик министерка во Министерството за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

За дополнителен заменик министер за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е избрана Елена Петрова, за дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

На седницата беше верификуван и мандатот на Муса Ибраими кој доаѓа на пратеничкото место на Талат Џафери, кој е избран за премиер на техничката Влада.

Слични содржини