Издавале возачки дозволи без положен испит: Кривични пријави за осум вработени во МВР

од Nikola Popovski
421 прегледи

Министерството за внатрешни работи информира дека поднесени кривични пријави против 36 лица, од кои осуммина вработени во МВР, поради основано сомнение дека сториле кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл. 353, „несовесно работење во службата“ по чл. 353 и „фалсификување на службена исправа“ по чл. 361 од Кривичниот законик, како и против 28 граѓани поради сомневање дека сториле поттикнување во извршување на наведените кривични дела.

Според МВР, пријавените службени лица вработени во Одделението за управни работи Скопје искористувајќи ја својата службена положба и овластување на 28 граѓани, спротивно на законските прописи, без да имаат положено возачки испит и без потребната документација, извршиле електронско креирање на документација со внесување на лажни податоци, истата ја одобриле за изработка, по што им биле издадени возачки дозволи за управување на моторни возила.

„По наредба на судија на претходна постапка, извршени се претреси во службените простории на Одделението за управни работии во домот на еден од осомничените, кој е лишен од слобода и задржан во полициска станица, од каде ќе биде изведен пред надлежен судија од Основниот кривичен суд. Обезбедените материјални докази ќе бидат предадени на јавен обвинител за понатамошна постапка. Осомничените службени лица се суспендирани од работните места и против нив ќе бидат поведени дисциплински постапки“, стои во соопштението на Министерството.

Слични содржини