По два дена и повеќе од 16 часа дебата, Собранието во неделата доцна навечер ја изгласа владата на Христијан Мицкоски. Од пратениците кои учествуваа во гласањето, 77 гласаа „за“, а 26 „против“ новата влада.
Избраниот премиер на државата и министрите во владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, коалицијата на албанските партии ВЛЕН и движењето ЗНАМ положија заклетва, во која го изговорија уставното име на државата и ги потпишаа свечените изјави.
На гласањето не учествуваа пратениците од коалицијата Европски фронт. Тие ја напуштија пленарната сала поради, како што рекоа, новата влада ја „нема легитимноста од етничките заедници“.
Последен во дебатата пред гласањето и полагањето заклетва зборуваше токму Мицкоски, кој изјави дека за време на заклетвата ќе ја изговори „срамната придавка“, најавувајќи дека „ќе направам се што можам тој срам да го исправам, а во овој момент сум немоќен“.
Повтори дека бугарски диктат додека тој е премиер нема да помине и уставни измени нема да има.
Новата влада брои 24 члена. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив е „прв вицепремиер“.
Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.