Изгубен арбитражен спор ќе ја чини државата 450 милиони евра!?

од Vladimir Zorba
162 прегледи

Македонија изгубила еден од арбитражните спорови кои се водеа против државата. Според изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена вчера станува збор за спор во кој што штетата која што државата ќе треба да ја исплати кон компанијата која тужела е 450 милиони евра.

Мицкоски не откри за кој спор станува збор. Неофицијално, станува збор за постапката која што против државава ја поведе британско – украинскиот конзорциум „Сардич“ откако Владата во 2018 година одлучи еднострано да го раскине концесискиот договор со компанијата за рудникот „Казандол“ кај Валандово.

Од претходно објавените информации и извештајот на Државниот завод за ревизија објавен лани познато е дека против државата се водат вкупно пет арбитражни постапки чиј вкупен износ на штета би можел да надмине и 1,3 милијарди евра.

Заводот во својот последен извештај констатираше дека актуелните судски спорови во коишто е тужена државата би имале финансиски импликации врз буџетот во наредните неколку години.

Освен постоечките пет арбитражни постапки кои се водат против државата во надлежните судови ширум светот, против Македонија се заканува и нова тужба од над една милијарда евра.

Станува збор за инвеститорот во рудникот за бакар во „Иловица“, односно компанијата „Еуромакс ресоурсес“. Инвеститорот веќе информираше дека правната основа за евентуално покренување спор пред меѓународните судови, е билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996-тата година. Оттаму појаснија дека нивен мнозински акционер е Групацијата Трафигура, која како правно лице подлежи на правото на заштита во согласност со наведената билатерална спогодба.

Слични содржини