Измената на деветте закони ќе го олесни спроведувањето на проектот за Коридорите 8 и 10д, сметаат Ковачевски и Битиќи

од Vladimir Zorba
154 прегледи

Пакетот за измена на девет закони, што е во собраниска процедура, е дел од создавањето на законска рамка за брзо, квалитетно и законито извршување на работите за проектирање и изведба на Коридорот 8 и Коридорот 10д, како стратешки проекти во државата, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.

– Изведувачот и проектантот на работите, реномираната светска компанија „Бехтел и Енка“ се избрани со специјален закон во Собранието кој го поддржаа сите. Овие девет закони практично претставуваат усогласување на дел од законската регулатива со цел да може проектот да се заврши во предвидениот рок од пет години и да биде тоа направено на законит начин, рече Ковачевски во одговор на прашање по денешната промоција на првиот дигитален асистент во јавниот сектор АДА.

Дел од тие законски регулативи се и измените во Законот за културно и археолошко наследство, за кој, како што нагласи Ковачевски, викендов се воделе разговори на министерката за култура со стручната фела и со економските ресори, кои се изготвувачи на законите.

– Мислам дека ќе се најде решение кое ќе биде на задоволство на сите, посочи Ковачевски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи прашан дали Левица може да ги блокира деветте закони во Собранието, изјави дека очекува обиди за блокирање законите.

– Левица блокира се што е добро за државата и граѓаните, бидејќи нивната агенда е многу јасна и не е интересот за развој на оваа држава. Сметам дека дискусијата за деветте закони е добра и оти би требало да се одвива, рече Битиќи и додаде дека сите девет законски решенија не се против принципите на добро владеење.

Тие, како што нагласи тој, само ќе го олеснат спроведувањето на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д.

-Дебатата треба да биде помеѓу експертската јавност и пратениците, прецизира Битиќи.

Слични содржини