ИЗМЕНИ НА КРИВИЧЕН ЗАКОНИК: Казни од 6 месеци до 10 години – заострена казнена политика, се додава и злоупотреба при јавни набавки !

Со потпис на 9 пратеници од владеачкото мнозинство, до Собранието доставен Предлог  на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот Законик.

од Vladimir Zorba
202 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Собрание

Со потпис на 9 пратеници од владеачкото мнозинство, до Собранието доставен Предлог  на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот Законик.

Според предлагачите – со предложените измени се заострува казнената политика преку „ревидирање и дополнување“ на член 353 кој се однесува на „високо профилни“ случаи, односно злоупотреби на службената положба од страна на насители на функции на различни нивоа на власт.

Во предложениот текст , член 353 се менува и во однос на должината на предвидената казна и во градација на стореното дело во однос на нанесената штета. Еве што пишува во предлогот за измени на член 353 :

-(1)Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква имотна корист или на друг ќе предизвика штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ако не се исполнети законските обележја на друго потешко кривично дело, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години

– (2)Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член прибави поголема имотна корист или нанесе поголема штета, ќе се казни со затвор од една до пет години.

-(3) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, ќе се казни со затвор од една до осум години.

Се предлага и сосема нов став во член 353 кој ги инкриминира злоупотребите при јавните набавки.

„Службено лице или одговорно лице кое спротивно на закон, набави стоки, услуги или работи без да спроведе постапка за јавна набавка во случаите кога било должно да ја спроведе или направи измени на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба за време на нивната важност спротивно на закон над законски утврдениот вредносен праг, ќе се казни со затвор од една до осум години, а доколку со делото од овој став е прибавена имотна корист од големи размери или е причинета имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од четири до десет години.“ – се наведува во предлог -текстот.

Промени се предлагаа и во член 353в со кој се опафаќаат службени и одговорни лица во јавни претпријатија и јавни установи, па така се предлагаат следните ставови :

-(1) Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските одредби за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор, стекне за себе или за друг некаква имотна корист или на друг ќе му предизвика штета, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

-(2) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член стекне поголема имотна корист или предизвика поголема имотна штета или потешко ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

-(3) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член стекне значителна имотна корист или предизвика значителна штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Потребата од измени во Кривичниот законик беше нотирана од страна на сите релевантни меѓународни институции и организации за борба со криминалот.

„Тенденцијата на предложените законски измени и дополнувања е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика преку зголемување на постојните пропишани казни за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353, „Злосторничко здружување“ од член 394. На овој начин, би се отстраниле лоцираните слабости во постојните одредби на овие кривични дела, особено во заострувањето на казнената политика во насока на повторно остварување на нејзината превентивна и репресивна функција. Воедно, со овој пристап ќе се постапи согласно забелешките во Извештајот на Европската Комисија за 2023 година и повторно ќе се воспостави реална и добра правна рамка за зајакнување на борбата против високата корупција“ – се наведува во образложението на предлогот за законски измени и дополнувања на Кривичниот законик.

Воедно се предлага и заострување на казнената политика во членот 394 кај кривичното дело „Злосторничко здружување“.

Д.А.