Измени на Кривичен законик: Позитивна промена или „бесплатен билет“ за криминалот?

Кривичниот законик не е „шведска маса“ од која функционерите можат да си бираат што им одговара, допрва ја очекуваме реакцијата од Брисел

од Nikola Popovski
40 прегледи Фото: Фејсбук

Набрзина изгласани измените во Кривичниот законик. Левица не ги поддржа измените со став дека казните се намалуваат за злоупотреба на службената положба и злоупотреба на јавните набавки. Од ВМРО-ДПМНЕ реплицираа дека намалување на казните го направила минатата власт, а побараа да се гласа за измените токму поради санкциите во делот на семејното насилство. За измените гласаа и СДСМ.

Дел од јавноста е едногласна дека не постои начин да се санираат  штетните последици предизвикани од законските измени во 2023 година, кои ги нотираше и Европската комисија во последователни извештаи. Тогашните измени на КЗ  овозможија голем број функционери да се спасат од кривичен прогон, а според некои анализи само во предметите на  поранешното СЈО  се создала можност за околу 80 обвинети да настапи апсолутна застареност.

Сепак за вчерашното изгласување на измените, дел од експертите велат дека суштината на правдата не смее да се сведува на само еден член или на дневна политичка интерпретација. Според адвокатот Јасмин Калач, тврдењето дека со овие измени некој е „целосно амнестиран“ или дека се отвора пат за неказнивост под мотото „кој се спаси, се спаси“ е правно неиздржано.

Фото: Јасмин Калач

-Кривичниот законик не е „шведска маса“ од која функционерите можат да си бираат што им одговара. Иако вниманието е насочено кон еден сегмент од КЗ, јавноста треба да знае дека Обвинителството во своите раце има цела лепеза на кривични дела кои се многу поконкретни и често потешки за одбрана. Доколку навистина постои волја за борба против корупцијата, на располагање се делата како што се примање и давање поткуп, противзаконито влијание, злосторничко здружување, злоупотреба на постапка за јавна набавка, како и цел сет на одредби за противправно стекнување имот и перење пари, вели Калач во изјава за „Локално“.

Според него, овие механизми остануваат ригорозни и тие се вистинскиот удар по „џебот“ на оние кои ги злоупотребуваат јавните финансии. Што се однесува до дилемите за „местење тендери“ и несовесното работење, соговорникот истакнува дека проблемот во Македонија никогаш не бил во дефицит на членови во законот, туку во ефикасноста на истражните органи и должината на судските постапки.

-Наместо да дебатираме само за висината на предвидената казна, треба да се запрашаме зошто предметите со години стојат во фиоки? Тоа е вистинскиот извор на неказнивоста. Во однос на очекуваните забелешки од Европската Унија, Брисел не бара од нас само „строги закони на хартија“, туку конкретни резултати и правосилни пресуди. Доколку Обвинителството правилно ги квалификува делата и ја користи целата лепеза на предвидени кривични дела во КЗ, пораката до Брисел ќе биде јасна дека владеењето на правото функционира. Измените се реалност, но тие не се „бесплатен билет“ за криминалот. Секој функционер кој се огрешил пред законот може и мора да биде санкциониран преку постоечките кривични дела кои остануваат во сила, заклучува Калач.

Од друга страна, дел од правниците сметаат дека вчера изгласаните измени во Кривичниот законик биле неопходни и се позитивна промена. Имено, вели адвокатот Владо Бангиевски, со ова се исправа сериозна неправда која беше направена со измените на КЗ, од септември 2023 година, донесени од страна на претходната власт, а со кои измени – тогаш, беа ублажени казните за корупција.

Фото: Владимир Бангиевски

-Со овие измени на КЗ се воведе и ново кривично дело – злоупотреба на интимни снимки и материјали, а исто така се зајакна и заштитата од родово-базирано и семејно насилство согласно Истанбулската конвенција. Со измените се прошири примената на проширената конфискација а се прави и доусогласување со законите поврзани со проектот „Safe City, наведува Бангиевски во изјава за „Локално“.

По однос на тоа дали ќе стигнат сериозни забелешки од ЕУ, по однос на тоа дека се декриминализираат веќе криминализирани поведенија и дека нема кривично дело за местење на тендер, Бангиевски вели дека лично не очекува, но остава да видиме каква ќе биде реакцијата на самата ЕУ.

Сега предложените измени од страна на пратеници од владејачкото мнозинство предизвикаа негативни реакции кај дел од партиите во државата. Меѓу првите со реакција се јави претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка Моника Зајкова. „Со новиот Кривичен законик кој си го изгласаа т.н. големи партии, кривичните дела на функционерите повторно ќе си застаруваат како до сега, а министрите и директорите целосно се амнестираат од несовесно работење — правда по мерка на помоќниот“, порача Зајкова.

Според пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, единствената позитивна промена е тоа што конечно кривичното гонење за семејно насилство ќе се води по службена должност, без предлог од жртвата, решение кое, како што потсети, Левица го предложила уште пред една година, но тогаш не било прифатено поради, како што рече, партиска суета. „Фактите за измените во делот на злоупотребата на службената положба се поразителни. Се намалуваат и минималните и максималните казни во држава која веќе сериозно страда од неказнивост на функционерите. За прв пат се воведува можност за условна казна со намалување на минималната затворска казна на четири години, а максималната казна се намалува од 20 на осум години“, истакна Мојсоска.

Таа предупреди дека со овие измени се скратува и рокот на застарување на делата, така што криминалот на функционерите ќе застарува за 16 години, наместо за 40 години како што било претходно. „Со вакви решенија, за делото тешка кражба ќе имаме поригорозни санкции отколку за милионските криминали на функционерите. Ова е директен удар врз борбата против корупцијата и сигнал дека политичката елита повторно си обезбедува амнестија“, порача пратеничката од Левица.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека ова е јасен доказ дека кога постои политичка волја и почитување на правото и законите, државата може да се движи напред. Пратеникот Миле Лефков нагласи дека со овој закон се исправува една сериозна неправда направена со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година донесена од претходната власт. „Собранието на Република Македонија со 76 гласа „за“ го усвои Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик предложен од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Со овој закон се исправува една сериозна неправда направена со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година донесена од претходната власт со која беа ублажени казните за корупција, беа избришани клучни одредби за злоупотреби во јавните набавки и беа создадени услови за застарување на предмети од висок профил на корупција“, рече Лефков.

Тој истакна дека новите законски решенија ја вратија суштината на казнената политика, превенцијата и репресија против  корупцијата и организираниот криминал. „Ја зајакнуваат надлежноста на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и постапуваат согласно забелешките содржани во Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, како и согласно решението на уставниот суд од 12 февруари 2025 година. Со законот се воведува и ново кривично дело за злоупотреба на интимни снимки и материјали, се зајакнува заштитата од родово-базирано и семејно насилство согласно Истанбулската конвенција, се проширува примената на проширената конфискација и се прави доусогласување со законит поврзани со проектот ‘Сејф сити’“, рече пратеникот Лефков.

Измените на КЗ донесени пред нешто повеќе од две години беа причина за застарување на кривичните дела со кои беа опфатени голем број поранешни функционери во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а по чие згаснување во најголем дел ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Клучните измени тогаш беа направени во членот 353, каде што се опфатени кривичните дела од корпусот злоупотреба на службената положба и овластување, каде што се намалија казните, беа воведни горни граници и беше избришан еден член кој се однесуваше на кривичните дела во делот на јавните набавки.

Платформата за борба против корупција упати допис до претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова, со барање да не го потпише указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик и да го искористи уставното право на вето. Како што соопштува Платформата, иако постои потреба од интервенции во Кривичниот законик, особено по измените од 2023 година, усвоените решенија, според нив, создаваат дополнителна правна несигурност и ризик од уназадување на борбата против високата корупција.

Во дописот се наведува дека со измените на кривичните дела злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата се предвидуваат пониски максимални казни, што може да влијае врз казнената политика и роковите за застарување на кривичното гонење за тешки облици на корупција. Дополнително, според Платформата, заштитата на јавните средства се стеснува, а кај делото несовесно работење се укинува јасната инкриминација на постапувањето на службените лица во органите на државната управа.

Н.П.

Слични содржини