Израел: Ефикасноста на вакцината Фајзер кај адолесцентите е 90 проценти

од Milan1

Вакцината „Фајзер“ против ковид19 е исклучително ефикасна во спречувањето на инфекции кај младите на возраст од 12 до 18 години, покажува новото израелско истражување објавено во Медицинскиот журнал на Нова Англија.

Како што се покажа, ефективноста на вакцината во спречувањето на нови случаи на инфекција кај адолесцентите е 90 отсто и 93 отсто во спречувањето на ширење на симптоматска инфекција седум до 21 ден по втората доза, пренесува Бета.

Во истражувањето спроведено од здравствената служба Клалит биле опфатени 185.000 лица, односно споредени се 94.000 вакцинирани млади со исто толку неимунизирани.

Потврдена е и ефикасноста на вакцината Фазер против видот делта, бидејќи студијата била спроведена од јуни до септември оваа година во време кога тој вид бил најдоминантен во Израел.

Голема кампања за вакцинација на адолесцентите спонзорирана од Владата на Израел овозможи да се спроведе таква студија.

Иако е докажана ефикасноста на вакцината во спречувањето на симптоматските случаи на ковид-19, нема доволно податоци за да се утврди ефикасноста на вакцината во спречување на хоспитализација за оваа болест кај младите.

Израел беше една од првите земји што започна широка кампања за вакцинација против Ковид-19 во декември минатата година.

Оттогаш, повеќе од 15,8 милиони дози се примени од 5,71 милиони луѓе. Денес, 62 проценти од населението во Израел е целосно вакцинирано.

Слични содржини