Израел објави признание на припадник на Хамас: „Ги слушнавме децата како плачат, пукавме во нив“

од Stefanija Kuzmanovska

Израелската војска вчера објави видео од испрашување на маж за кој велат дека е член на Хамас вклучен во нападот врз Израел на 7 октомври. Човекот на видеото го опишува убиството на израелски деца во Кфар Аз, израелски кибуц на границата со Газа.

„Нашата единствена мисија беше убивање, а не киднапирање. Убијте го секој човек кој ќе го видите и вратете се во Газа“, раскажал Амер Абу Гоша, командос на единица на Хамас.

Тој навел дека неговата група се упатила кон Кфар Аз со џип и влегла во кибуцот откако еден од нив ја разнел капијата со експлозивна направа. Откако влегле во градот, оделе од куќа до куќа, ги палеле и пукале во сите кои им се нашле на патот со калашникови или ги гаѓале со гранати.

„Слушнав деца, пукав на вратата“

Во еден момент, Абу Гоша опишува како влегол во куќа и слушнал гласови на мали деца кои плачат во другата соба и пукал кон вратата од собата. Тој вели дека гласовите на крајот престанале, па заклучил дека децата умреле.

„Пукавме додека не слушнавме повеќе гласови“, рече тој.

Абу Гоша и дел од неговата група подоцна влегле во вооружен конфликт со војниците на ИДФ – Израелските одбранбени сили, кои влегле во куќата низ прозорците и биле принудени да се предадат.

На прашањето зошто убивале жени и деца, Абу Гоша одговара: „Ни рекоа дека сите доселеници се војници“.

На прашањето која е разликата меѓу Хамас и ИСИС, тој вели дека испитувачите му покажале видео снимки од некои од злосторствата извршени од терористите на Хамас врз израелските цивили, а тој коментирал: „Нема разлика. Сум видел видеа кои се полоши од оние на ИСИС“.

Израел ја напаѓа Газа повеќе од три недели како одговор на најтешкиот масакр во својата историја, извршен на 7 октомври од терористи од Хамас и други екстремистички групи.

Слични содржини