Израелски авиони извршија напад на Хамас во Газа

од desk2
99 прегледи

Израелски борбени авиони во среда наутро нападнаа утврдувања на Хамас во Кан Јунис на југот на појасот Газа, соопштија безбедносни извори и припадници на итната помош во Газа.

Воздушните удари предизвикале штети на две положби но нема извештаи за повредени, соопштија истите извори.

Израелските удари по Хамасовите положби се чин на одмазда за синоќешниот ракетен оган од појасот Газа кон јужен Израел, соопшти портпаролот на израелската војска.

Напнатоста ескалира во Газа и на Западниот брег меѓу Израел и Палестинците откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела објави дека Ерусалим е престолнина на Израел.

Шестмина Палестинци веќе се убиени и повеќе од 1.500 се повредени во бранот насилства кои избија на Палестинска територија по објавата на Трамп, пренесува Wafa.

Во меѓувреме Хамас соопшти дека израелските сили на безбедност уапсиле 35 нивни членови на Западниот брег, меѓу кои се и Хасан Јусуф и поранешни затвореници на Хамас, кои се ослободени при последната спогодба постигната со Израел во 2011 години со египетско посредништво.