Извештај на ИЈЗ: За една недела 10.000 нови случаи, по вторпат се заразиле 1.340 лица

од Берта Китинска
138 прегледи

Регистрирани сe 9.982 нови позитивни случаи на КОВИД-19 од 35 градови во државата, со намалување од 16,2 отсто во однос на минатата недела кога беа 11.910. Процентот на позитивност се движи од 22,5 отсто до 35,6 отсто, просечно 29,5 отсто, информира Министерството за здравство.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 31.01.2022 до 06.02. 2022 година, тестирани се вкупно 33.421 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 13,2 отсто во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=5.300; 53,0 отсто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 1.069,1/100.000. Процентот на позитивност се движи од 22,5 отсто до 35,6 отсто, просечно 29,5 отсто.

Од МЗ посочуваат дека во овој период регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст над 60г (n=2.455, 24,6 отсто) и 30-39г (n=2.004, 20,1 отсто). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г (n=312; 3,1 отсто). Се забележува намалување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 23,9 отсто кај возрасната група од 30-39г, додека зголемување се забележува кај возрасните групи од 0-9г со 21,4 отсто и над 10-19г со 16,5 отсто зголемување во однос на претходната недела.

Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнало 11.122 лице во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.340 реинфекции, со намалување за 14,0 отсто во однос на претходната недела.

Пријавени се 147 смртни случаи во 24 градови во текот на изминатата недела, за 0,7 отсто помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (51). Во однос на возраста, најголем број (n=137; 93,2 отсто) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (7), 40-49 години (1) и 30-39 години (2).

Од Министерството за здравство потсетуваат дека на 17.02.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против COVID-19. Заклучно со 06.02.2022, вакцинирани се вкупно 867.529 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 845.121 лица, а со трета доза се вакцинирани 132.488 лица.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од од 31.01 – до 06.02.2022г, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.

Слични содржини