Извештајот на САД открива страшна слика за нас! Врие од корупција, помалку слободни медиуми и сопки

од Vladimir Zorba
147 прегледи

Американскиот Стејт департмент забележа сеприсутна корупција, ограничување на слободата на медиумите, мешање во судската власт, попречување на работата на СЈО и селективна правда во Извештајот за човековите права за 2016 година за Македонија. Во извештајот, објавен синоќа, забележани се и многу неправилности кај судската власт, вклучувајќи политичко мешање, корупција, одолговлекување на процесите и нарушување на правото на јавно судење.

„Најголемиот проблем со кршење на човековите права и практики произлегува од сеприсутната (широка) корупција и потфрлувањето (неуспехот) на Владата да го почитува владеењето на правото, вклучително континуираните напори за рестрикции по однос на слободата на медиумите, мешање во судството и попречување во работата на Специјалниот јавен обвинител, како и селективната правда.

Исто значајно кршење на човековите права се рефлектира и преку политичко мешање и влијание врз добро етаблирани лица, одолговлекување на судските постапки, кршење на правата за правично и јавно судење, и корупција во целокупниот судски систем

Владата не преземаше доволно чекори за да ги истржи, процесира или казни службениците кои ги прекршиле правилата и процедурите,а вкучително и полициските службеници за прекумерна употреба на сила. Неказнивоста и понатаму е значаен и широкораспространет проблем“, вели сижето на извештајот

Како пример за селективно спроведување за правдата, Стејт департментот го наведува различниот пристап на властите кон Шарената револуција и ГДОМ.

„Имаше позначајни примери на селективни апсења и приведувања за време на Шарената револуција, која почна како одговор на одлуката на претседателот Иванов за помилувањата на 12 април. На почетокот на протестите, полицијата уапси учесници за акти на насилство и повредување на полицајци. Кога контрапротестите во градот Битола на поддржувачи на провладиното Граѓанско движење на одбрана на Македонија (ГДОМ) резултираа со слични акти на насилство и повредување на полицајци, немаше извештаи за апсења.

На 13 април, полицијата повреди неколку луѓе за време на апсењата на 13 студенти поддржувачи на Шарената револуција. Уапсените студенти беа преместувани по полициски станици, се соочуваа со одложувања на појавувањата пред обвинител или судија и не ми беше овозможена медицинска помош и пристап до адвокат и до 12 часа по истекот на законскиот максимум од 12 часа. Полицијата ги обвини за „учество во толпа која ќе направи кривично дело“ за упад во народната канцеларија на претседателот во центарот на Скопје, кршење прозорци, оштетување уметнички дела, кршење и палење на мебел.

Од 13-мината уапсени, тројца беа формално обвинети, додека 10-мина се соочија со прекршочни казни. Тројцата останаа во куќен притвор додека нивните судења беа одложувани неколку пати поради одложувања во поднесувањето конкретни обвинувања од властите. На крајот на мај, тројцата признаа вината за причинување штета од околу 522.000 денари (9.030 долари) и добија условни казни. Учесниците во контрапротестите на ГДОМ оштетија јавен имот во Битола и малтретираа новинари и полицајци. Сепак, ниту еден член на ГДОМ не беше уапсен“, велат од Стејт департментот.

На почетокот на протестите на Шарената револуција, полицијата уапси учесници за акти на насилство и повредување на полицајци. Кога контрапротестите во градот Битола на поддржувачи на провладиното Граѓанско движење на одбрана на Македонија (ГДОМ) резултираа со слични акти на насилство и повредување на полицајци, немаше извештаи за апсења. - Судир на демонстранти со полицијата на 6 јуни во Скопје (Фото: СДК.МК)

Во извештајот се забележани и бројни напади на новинари, а посочени се и конкретни пример за физички напади и малтретирање на медиумски работници.

„Во текот на годината, во бројни инциденти медиумиските работници беа физички нападнати или им беше оневозможено да известуваат од протестите. На пример, на 21 и 22 април, поддржувачите на провладиното Граѓанско движење за одбрана на Македонија нападнаа снимател и новинар додека известуваа во живо од протест против битолскиот градоначалник Владимир Талески. Полицијата интервенираше да го запре нападот на 22 април, но не ги уапси, ниту им поднесе обвиненија на извршителите. На 17 април, група антивладини демонстранти упаднаа и ги оштетија канцелариите на Радио Слободна Македонија. Во Штип, новинарката на Канал 77 Вања Мицевска јави дека членови на ГДОМ ја малтретирале и ѝ се заканувале кога се обидела да покрие еден од нивните протести на почетокот на мај. Таа го пријавила инцидентот во полиција, каде, и покрај тоа што им покажала новинарска акредитација, ѝ било наложено да го напушти градот“, забележано е во извештајот.