„Нерви искинати, срушена надеж, безглави ѕверози на работ на разумот, во мачни сништа и сеништа, гневот е во секого…“ – ова се само дел од зборовите со кои почна протестот на културните работници, разочарани од односот поради кој 3.000 работници за велигденските празници останаа без плати. Протестот се одржа пред зградата на Министерството за култура во центарот на Скопје.
Според работниците, секоја година трае истото лудило и секоја година во март и април остануваат без плати. Велат дека се разочарани од Министерството. Упатија порака до министерот Зоран Љутков преку транспарент со зборовите „Извини Зоки, морално (ли) беше!“.
На денешната отворена протестна седница на Синдикатот на културата беше побарано да се почитуваат законите и Колективниот договор. На протестот беше истакнато дека ова не е техничко прашање туку удар врз достоинството на секој вработен во културата.
-Непочитување на Колективниот договор е непочитување на човекот. Дали тој е виновен што со години наназад нашите институции се оставени на раб на постоење, со инфраструктура која се распаѓа пред наши очи, со персонал кој што работи со проширени работни задачи заради недостиг на нови вработување, уметници кои се вработуваат и пензионираат без унапредување…, беше изговорено на протестот и додадено дека „партиските кадри само создаваат неодржлив систем на распад“.
Според работниците, „кога државата ќе се сврти против културата, таа се врти против самата себе“. Прашаа кој „свечено сака да ја згази културата и сака да ја распродаде како што нешто сувишно“. Порачаа дека се понижени.
-Не протестираме за луксуз туку за уставно загарантирани права, рече една од соговорничките на протестот.