Челзи Менинг денеска е ослободена од американскиот воен затвор во Канзас откако одлежа седум години поради тоа што му доставуви стотици илјади дипломатски телеграми и воени документи на Викиликс. Кратко пред напуштањето на функцијата во јануари годинава, поранешниот американски претседател Барак Обама го поништи остатокот од 35-годишната затворска казна за 29-годишната Менинг.

Челзи, која е родена како машко и се викаше Бредли Менинг, беше осудена во 2013 година по 20 обвиненија поврзани со протекувањето на документите, меѓу кои и за шпионажа. Откако беше осудена, Менинг рече дека се чувствува како женско уште од раѓањето.
Како војник, Бредли Менинг беше распореден како разузнавачки аналитичар во Ирак, кога Викиликс ги објави документите. Таа се бранеше дека сакала да предизвика јавна дебата во САД за улогата на војската во надворешната политика на земјата, но подоцна се извини затоа што и наштетила на земјава.