Ја брани ли Левица демократијата во Собранието: „Лумпувањето потсетува на период кој сметавме дека е ставен во историја“

од Nikola Popovski
572 прегледи

За разлика од некои други парламенти низ светот, инцидентите во македонското Собрание не се толку чести, но кога ќе се случат, ја брануваат јавноста со денови. Така беше и вчерашниот случај, кога двајцата пратеници од Левица го нападнаа потпретседателот на парламентот, Горан Мисовски, фрлајќи кон него листови со амандмани околу измените на Деловникот, а потоа искршија монитор од компјутер и микрофон, кој претседателот и потпретседателот на Собранието ги користат за нивната работа. Прво, пратеникот Борислав Крмов, кој имаше процедурални забелешки, почна да фрла кон Мисовски со листовите хартија, а потоа му се придружи и Димитар Апасиев, лидерот на Левица. Тој продолжи да ги навредува пратениците на позицијата и опозицијата, изјавувајќи дека во Собранието нема парламентарна демократија.

Загревање на масите пред избори или договор за дефокус од други поважни теми?

Дел од јавноста смета дека ова е само дел од предизборието, додека останатите оценуваат дека постои договор за дефокус од други поважни теми. Според универзитетската професорка, Ана Чупеска, тоа што пратеникот Крмов го направи е типично и препознатливо ниво на комуникација што Левица го пласира, а во идниот период како наближуваат изборите, очекува од нивна страна уште многу вакви или слични перформанси, особено од двајцата пратеници, но посебно од Крмов на кој, како што истакнува, му се неопходни вакви перформанси за да не настине од сенката на Апасиев, „кој веднаш да не остане пократок, настапи со свој личен перформанс со својата лична обувка“.

проф. Ана Чупеска

-Тоа е впрочем нивното ниво. Тој својот бес го истури врз нешто што не е негово лично туку државно, купено со пари на граѓаните, со што недвосмислено го покажува неговиот однос кон јавните добра, со што исто така ги понижува граѓаните, вели Чупеска за „Локално“.

Соговорничката посочува дека плаќање на сметката за мониторот не е доволна и порачува дека Крмов треба да плати и за вознемирување на граѓаните.

-Државата мора јасно да даде до знаење дека секакво насилно однесување во законодавниот дом едноставно не е дозволено. Барем имаме не толку стари сеќавања од насилно исфрлање на пратеници од седница во Собранието, до она што ни се случи на 27 април. Не сакам да звучам претенциозно, но мене лично ова лумпување во Собранието ме потсетува на период кој сметам дека е ставен во историја, укажува професорката.

Истакнува дека делувањето на Левица е без минимум демократски капацитет и без никаква одговорност и како што вели Чупеска, „затоа партијата бега од сите варијанти на проширена влада или било која опција во која они би превзеле некаква одговорност“

-Зарем мислите дека им е тешко на било која партија да се однесува како Левица? Одговорно тврдам НЕ, но за среќа другите политички чинители во државата имаат развиено сепак многу поголема одговорност кон државата и кон граѓаните што Левица за жал ја нема. Страв? Не знам страв од што….единствено од што треба да имаме страв е да не паднеме во амбисот на деструктивната поларизација на граѓаните која од ден на ден станува се поизразена, а одговорноста паѓа најмногу на делувањето на политичките партии кои неретко од чисто лукративни побуди сеат семе на раздор, без притоа да имаат капацитет да ги предвидат штетите кои може да ги предизвикаат, заклучува универзитетската професорка.

Од друга страна, новинарот Зоран Иванов оценува дека рано е до изборите. Во разговор за „Локално“ за Левица вели „се плашам дека ќе прегреат и пребрзо ќе се потрошат“. Факт е, додава тој, дека нема кој што да понуди освен инциденти, навреди, клевети.

Зоран Иванов

-Секогаш исто кога се нема капацитет за било каква ЕУ реформа за која би се закачиле сите политички субјекти. А ова вчера со летањево хартии, неколкуте микрофони и еден, два преносни компјутери и архиварското администрирање со чевларски манири е некаква хормонална последица, покажување машкост, перчење со пратенички имунитет, само примитивен популистички маркетинг или што и да е, неважно е, важното е што предизборната реа прерано почнува да задушува, почнаа и заплашувања со глави што ќе летале…, ни рече новинарот.

Дециден е дека пратеникот треба сам да си ја плати штетата што ја направил.

-Дали пратеникот ќе си ја плати од своите + 78% или од спонзори, ќе си одбере тој самиот. А ова со ВМРО-ДПМНЕ и осудата за Левица, па тоа е чиста борба за гласови, едни со други ќе си конкурираат на избори, но ако си затребаат на крај и ќе си се изгушкаат, тврди Иванов.

Сепак не очекува дека има страв кај големите македонски партии од делувањето на Левица и нивниот иден резултат на изборите.

-Не, генерално не. Македонскиот народ традиционално е домаќински и мнозинското мнозинство до толку ќе знае што на избори да заокружува, појаснува соговорникот.

Политичкиот аналитичар, Џенур Исени смета дека делувањето на Левица е одраз на досегашното делување и нејзините хаотични ставови на политичката сцена во Северна Македонија.

-Покрај тоа, ако се земе предвид дека сега сме на прагот на изборната кампања, која најверојатно ќе биде поостра од било кога, тогаш овој субјект, убеден дека тоа нема да биде важен фактор, се обидува да ги дејствува овие на политичката сцена во Македонија. Она што е важно во меѓувреме е ставот на ВМРО-ДПМНЕ против овие случувања, бидејќи до сега имавме тивка коалиција меѓу неа и оваа партија, а нејзините постапки јасно ќе ѝ наштетат на ВМРО која во последно време ја смени стратегијата и сака да биде претставена како поумерена, вели тој за „Локално“.

Џенур Исени

Сепак, овие акции не се први, а нема да бидат ниту последни, смета Исени.

-Дури и, ако ги споредиме со случувањата во 2016 година, тие се многу минорни, но сигурно ќе имаат свое влијание, но не до степен да ја загрозат работата на Собранието и демократијата во државата. Но, сепак мислам дека Левица преку овие потези сака да биде во центарот на вниманието затоа што не може да даде конкретни идеи за да ги привлече гласачите, истакнува аналитичарот.

Во однос на тоа дали ќе има некаков епилог за овој инцидент, Исени е сигурен дека нема да има никаков епилог и смета дека Крмов нема да плати за скршените монитори и компјутери.

-Но оваа е одлична слика за граѓаните да видат на идните избори за кого ќе гласаат, порачува соговорникот.

Левица ќе ја плати штетата

Во понеделникот во Собранието се одржа 131. седница на која пратениците се изјаснија за измените на Деловникот од пратениците, но седницата неколку пати беше прекинувана поради инцидентите . Инцидентот во кој пратениците од Левица го нападнаа потпретседателот Мишовски, се случи откако 87 пратеници присутни на седницата не го прифатија нивното барање за повлекување на предложениот Деловник од расправата.

Во меѓувреме, пратеникот Крмов најави дека ќе ја плати штетата, но според него, штетата од процесот е неповратна.

-Собранието сега е само еден обичен извршител на Владата и следната Влада. Веќе нема да има Собрание. Додека ова се случуваше кај нас, еве во Албанија го запалија Собранието. Тоа е Собрание, да има и немили сцени, ќе го запалат, ќе се степаат. (Албин) Курти фрлаше димни бомби – тоа е Собрание, таму треба да има судир на идеи. Сега Собранието ефективно е Влада, кажа синоќа пратеникот.

Н.П.

Слични содржини