Јагнешкото во месарниците се продава по 600 денари, а се откупува по 210 денари жива мера

од Vladimir Zorba
871 прегледи

Проблемот со ниската откупна цена на јагнето не е нов. Ние години наназад мака мачиме да ги продадеме јагнињата по рентабилна цена која ќе ни ги покрие трошоците и ќе остане нешто за нас, велат сточарите.

Во моментов откупната цена на јагнето се движи од 210 до 230 денари жива мера, а во месарниците се продава над 600 денари за килограм. Тие сметаат дека ако може во малопродажба да се продава по таа цена може и откупната цена да биде повисока.

Поради ниската цена не го предаваат јагнето во македонските кланици и бараат Владата да ја укине мерката со која тие се обврзани 50 отсто од јагнињата да ги даваат на домашните кланици.

-Проблемот со откупната цена не е од сега, туку години наназад. Државата ни дава субвенции, но не условува половина од јагнињата да ги предадеме во кланица. Освен тоа бара во текот на една година да биде предадено 350 литри млеко. Значи на секој начин не условува. Секоја година е се потешко трошоците растат, а цената на јагнето останува иста. Освен ниската цена имаме проблеми и со болестите и со климатските промени, изјави за „Локално“, Ариф Мамути сточар од Скопско.

Тој вели дека сточарството е многу напорна работа, а пари нема. Секоја година имаме се поголеми трошоци и загуби. Поради тоа се поголем број сточари се одлучуваат да ги продадат стадата.

-Цената од 210 денари за килограм не ги покрива трошоците. Освен тоа бројот на јагниња не е ист како оној што го утврдуваат надлежните институции при исплата на субвениции. Така на пример ако имаш 100 овци од нив 20-30 се овни, а мора да оставиш и 20 до 30 женски јагниња за обновување на стадата. Што значи дека од тие 100 овци не може да добиеш 100 јагниња. Максимум можеш да добиеш 60 јагниња, објаснува Мамути.
Сточарите велат дека ако јагнешкото во месарниците може да се продава по 600 денари килограм, тогаш може да порасне и цената за жива мера. Откупната цена е многу ниска во однос на онаа по која се пордава во месарниците и маркетите.

Тие бараат и да им се исплатат субвенциите за минатата година. Исплатата беше договорена во февруари, по лозарите, да се исплатат сточарите, кои не се исплатени до денес. Исто така бараат да се укине мераката со која мора 50 проценти од јагнињата да се носат во кланица. Поради мерката околу 70 отсто од јагнињата во Пелагониско се надраснати и неоткупени.

– Прераснатите јагниња не може да ги извезуваме на италијанскиот пазар. Во други земји, како Албанија, Бугарија, може, но не за европскиот пазар. Во Пелагонискиот Регион има околу 70 проценти јагне останато дома, кое не е продадено и е прераснато. Има непродадено јагне токму поради мерката да испорачаме 50 отсто од јагнињата во кланиците. Сите досегашни напори да наидеме на заедничко разбирање со Министерството не вродија со плод, вели Боби Бошевски, сточар од Пелагониско.

Откупот на јагнињата за велигденските празници ќе биде интензивен уште десетина дена.

Б.С.

Слични содржини