„Гледам дека средбата глатко им поминала. Тоа значи дека однапред била договорена. Се што таму кажаа дека ќе се разговара, веќе се разговарало. Затоа и се свика. Јас мислам дека Филипче се налути затоа што овој (премиерот Мицкоски) се договори со сите овие други, а со него на крај да се договори. Сепак е најголема опозициска партија“, вели лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски за вчерашната лидерска средба.
За запирањето на имигрантските визи од САД за 75 земји, меѓу кои и Македонија, Јакимовски истакна дека „државата практично е ставена на црна листа“.
-Сега треба да видиме што ќе каже премиерот за ова. Дадовме поддршка, а нема визи. За да влезеш во Америка, ти треба виза. Таа поминува низ строги процедури. Ниту еден Македонец не отишол со гумен чамец да се истовари во Мајами или преку оградите да поминува како Мексиканците. Најголем дел од Македонците што одат таму се претежно луѓе што одат на усовршување, завршуваат факултети, па се обидуваат да останат. Луѓе што бараат имигрантски визи од Македонија не се истите оние што одат во Европа како мигранти. Тоа не се квалификувана работна сила. Тоа се луѓе со чисти досиеја. Многу ме чуди оваа одлука за граѓани на Македонија. Одлуката е врз некоја документација и статистика, кажа претседателот на ГРОМ во поткастот „Тешки муабети“.