Една година по распадот на калифатот, Исламската држава ги интензивираше нападите во Ирак и Сирија. Околу 14,000 терористи сега се активни таму. Тие ја користат короната за да ги ослободат членовите на ИС и да ги зајакнат терористичките ќелии.
„Еден човек, опасен со експлозив, излегол од автомобилот и мирно влегол во зградата на тајните служби. Безбедносните сили го повикале да застане, но тој не одговорил. Кога отвориле оган, тој активирал експлозив и се разнесел “.
Тројца припадници на безбедносните сили се повредени во самоубиствениот напад во Киркук во северен Ирак, кој беше извршен на крајот на април. Неколку дена подоцна, исто така, во северен Ирак, беа убиени десет членови на шиитската паравоена единица.
Нешто повеќе од една година по распадот на калифатот и осум месеци по убиството на основачот на т.н. Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, самопрогласените „Божји воини“ продолжуваат да напаѓаат. Ова го натера ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадими да започне со офанзива. „Ние ќе се бориме и јас ќе бидам првиот што ќе одам на фронтот. Му порачувам на ИС дека пристигнуваме и дека дојде време за пресметка“, објави Ал Кадими.
По битката кај Багуз, пред нешто повеќе од една година, беше прогласен крај на Исламската држава. Осум милиони луѓе некогаш живееле под нејзиното брутално владеење. Сепак, ИС, во меѓувреме, стана тема во Ирак, особено по честите експлозии на нагазни мини и пренасочувањата кон помалите безбедносни пунктови. Во април, џихадистите на ИС извршија повеќе од сто напади – двојно повеќе од претходните три месеци заедно. Во исто време, ирачката армија веќе неколку дена работи поинтензивно против терористите на ИС.
Таканаречената Исламска држава повторно се шири на североистокот на Сирија, потврди портпаролот на курдските сириски демократски сили (СДФ), Кино Кабријел, до локалниот соработник на германската јавна телевизија АРД. „ИС постојано се обновува и реорганизира, особено по последната голема битка за Багуз. Тие се исто така активни во регионите јужно и западно од Еуфрат. Тие ги интензивираа своите постапки во ирачката степа, во граничното подрачје меѓу Сирија и Ирак, како и во северните и североисточните делови на Сирија “.
Нестабилната власт е погодна за зајакнување на ИС
Таму каде што државната моќ е слаба и ситуацијата е нестабилна, се појавува ИС, вели Осман Али, политички научник од градот Камишли во североисточна Сирија. А Ирак е нестабилен. „Таму сè уште има религиозни конфликти што ги користи ИС. Формирањето на нова влада во Багдад се развлече, што на крајот го зајакна ИС, кој го искористи тој вакуум за моќ и авторитет. Покрај тоа, постојат слаби безбедносни сили, што исто така го отвори патот за ИС “.
Сирија е исто така нестабилна – особено северот и североисточниот дел на земјата, додава Осман Али и потсетува дека минатиот октомври, по повлекувањето на американските единици од курдските автономни области во североисточна Сирија, турските вооружени сили маршираа во регионот. „Ова овозможи ИС да се издигне во таа област. И тогаш дојде короната. „Курдската автономна влада мораше да ги надмине сите овие проблеми“, истакнува сирискиот политички научник.
Тоа значи дека безбедносните сили се повеќе присутни на улиците, затоа што сега се грижат за спроведување на мерките за борба против пандемијата, како што е полицискиот час. Но, кога тие се толку присутни, тогаш тие се исто така ранливи, затоа што тие се лесна цел за напаѓачите на ИС.
Таа терористичка организација ги повика своите следбеници во март да ја искористат пандемијата „Ковид 19“, затоа што непријателите на ИС сега се преокупирани со други проблеми. Тие ги повикаа да ги интензивираат нападите во регионот, но и во Европа и да ги ослободат затворениците на ИС од затвор. Околу 11.000 воини на ИС се наоѓаат во воените логори под контрола на сириските-Курди, а има десетици илјади нивни сопруги и деца. Затворениците постојано се бунтуваат, некои дури успеале да избегаат и се кријат во сириско-ирачката гранична област, каде се поврзуваат со истомисленици и со тоа формираат нови терористички ќелии. Успешното бегство од затворот ги мотивира и другите затвореници да го сторат истото.
Затворските логори како расадници за борците на ИС
Кино Кабријел, портпарол на сириските демократски сили, ги смета затворските кампови како расадници за борците на ИС и ја повикува меѓународната заедница да се согласи за организирање на судења. „Заробените членови на ИС треба да бидат изведени пред лицето на правдата. Востанија во затворите се случуваат и затоа што затворениците не знаат што ќе се случи со нив. Во исто време, лидерите на ИС ја користат ситуацијата за повторно зајакнување на нивната терористичка организација “, рече Кино Кабриел.
Од 11.000 затвореници во ИС, околу 3.000 се Американци, Европејци и Азијци. Многу земји од нивно потекло одбиваат да ги прифатат. Затоа сирискиот политички научник Осман Али предупредува дека безбедноста во целиот свет би можела да биде загрозена ако не се формира Меѓународен трибунал наскоро пред кој ќе им се суди. Затоа што, како што вели, „Затворениците се како временски бомби, кои можат да експлодираат во секој момент“.
Во исто време, сириските Курди се чувствуваат препуштени сами на себе. Постои уште една причина за тоа: глобалната коалиција против ИС го ограничи својот ангажман поради пандемијата на вирусот корона и ги врати војниците во касарните. Ова отвора нови можности за активности на ИС. Политичкиот научник Ахмед Камел ал Бехери од египетскиот центар за политички студии „Ахрам“ смета дека тоа ќе има последици, и не само за регионот. „Зајакнувањето на ИС, секако, ќе влијае на гранките на таа терористичка организација во светот – како во Египет или во Јемен, така и во Западна Африка или Југоисточна Азија“.