Јанева бара сите предмети на СЈО да се префрлат во Јавното обвинителство

од desk2
118 прегледи

Од затворот во Шутка, Катица Јанева испратила писмо до обвинителите во СЈО во кое бара за три дена сите предмети да ги префрлат на републичкото Јавно обвинителство.Информацијата ја потврдија и од СЈО, пренесе Канал 5.

Може ли специјалната обвинителка Катица Јанева да се откаже од надлежноста врз сите предмети на СЈО ? Ова прашање се поставува откако таа синоќа од затворот во Шутка им испратила писмо на нејзините колеги во обвинителството со наредба – целокупната документација за сите случаи кои се во судска, истражна и предистражна постапка во рок од три дена да му ја предадат на Државното јавно обвинителство.

Писмото кое Јанева го пишувала во притвор, преку затворската управа, првично поминало низ рацете на судија на претходна постапка при Кривичниот суд кој не видел ништо спорно истото да биде испратено до СЈО, а од таму потоа и препратено до Државното јавно обвинителство.

За тоа како понатаму да се постапува од СЈО чекаат одговор од Државното обвинителство предводено од Љубомир Јовески, од каде што велат дека ќе ги разгледаат поднесоците по што јавноста дополнително ќе биде известена.

Одлуката на Јанева доаѓа во моменти кога токму судбината на предметите на СЈО е главниот камен на сопнување во преговорите меѓу власта и опозицијата за новиот закон за јавно обвинителство, но за дел од правниците таа е апсурдна со оглед на положбата во која се наоѓа обвинителката, и е спротивна на законот..

Писмото на Јанева доаѓа во пресрет на утрешната седница на Собраниската комисија за избори и именувања на која ќе се одлучува за нејзино разрешување.. Извештајот што же го разгледуваат пратениците и дефинитвно ќе остане недостапен за јавноста, откако денеска Советот на јавни обвинители одлучи да не го прифати барањето на пратеникот Илија Димовски за негова декласификација.

За тоа дали оваа расправа ќе биде јавна или зад затворени врати ќе се одлучува утре, но доколку не се случи некое поголемо изненадување, се очекува сите партии да гласаа „за“ разрешување на Јанева, на 10 дена пред истекот на нејзиниот мандат.