Јанева: Партиите мислеа дека сум провинцијалка што не го познава правото

од Nikola Popovski
316 прегледи

Судењето за предметот за оштетното побарување на Орце Камчев од Бојан Јовановски и Катица Јанева за случајот „Рекет” продолжува на 11 мај, откако во Основниот граѓански суд – Скопје денеска беа сослушани тужителот и тужените.

На денешното судско рочиште бизнисменот Орце Камчев ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец, третоосуден во случајот „Рекет“.

Ова го констатираше судијата Андреј Димовски на денешното рочиште во Граѓанскиот суд, каде Камчев бараше еден милион да му исплатат Бојан Јовановски-Боки 13, Катица Јанева и Милески-Кичеец како и државата.

Тужената Катица Јанева на денешното рочиште истакна дека во текот на нејзиниот мандат како специјален јавен обвинител „многу трпела влијание од страна на политичките партии”.

– Многу трпев влијание од страна на политичките партии, за сите одлуки. Тие мислеа дека јас, како провинцијалка не го познавам правото, дека ќе им дозволам да влијаат на моите одлуки, но, после четиригодишно согледување на работите ја извртеа целата работа и го конструираат овој небулозен предмет „Рекет”, рече Јанева, додавајќи дека нејзините дејствија воопшто не се поврзани со паричниот износ кој се побарува.

Во случајот Бојан Јовановски доби затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Јанева е осудена на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување.

Јанева и Јовановски во текот на судскиот процес ја негираа вината, додека пак Зоран Милевски-Кичеец ја призна вината, по што беше осуден на три години затвор.

Слични содржини