Николоски: Ставањето на црната листа на Јанева e потврда за злоупотребите во СЈО

Николоски посочќи дека токму Јанева како прв човек на СЈО ја користела позицијата за сопствен бенефит и корист наместо за враќање на правдата во Македонија.

од Бети Божиноска

Ставањето на Катица Јанева на црната листа на САД е најдобриот доказ и потврда за злоупотребите кои што се правеа во СЈО, кое што беше креирано да донесе правда во Македонија, но наместо правда донесе неправда.

Тоа го истакна денеска потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, посочувајќи дека токму Јанева како прв човек на СЈО ја користела позицијата за сопствен бенефит и корист наместо за враќање на правдата во Македонија.

„Многу луѓе беа жртви на политички прогон што се спроведуваше преку СЈО, а првиот човек на тоа СЈО, веќе и осудена личност сега и на црната листа на САД, јасно е дека ја користела позицијата за сопствен бенефит и за сопствена корист наместо за враќање на правдата во Македонија. Тоа е она што ги боли најмногу луѓето,“ рече Николоски.

Она кое што луѓето го бараат, според Николоски, е воведување функционален систем на владеење на правото и тоа, како што најави тој, ќе биде првиот чекор на ВМРО-ДПМНЕ по формирањето новата влада.

„Најниска е довербата во судството и во обвинителството, а луѓето најмногу бараат воведување на функционален систем на владеење на правото и тоа ќе е нашиот прв чекор после формирањето на влада, тоа е воведување на ред и сите оние кои што правеле криминал и криминални активности да одговараат. Доколку не им се мешаме ни ние, ниту крупниот капитал, ниту кои било други центри на моќ верувајте дека самите ќе ја средат состојбата во државата за брз временски период и планираме тоа да го направиме,“ порача Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ повторно зборуваше и за актуелниот претседател и кандидат за уште еден мандат, прашувајќи го каде го донира делот од покачената плата и дали ќе се откаже од привилегиите како поранешен претседател бидејќи ќе изгуби.

„Втор пат му давам шанса, може пак да одговори со навреди, но откако ќе заврши со личните навреди кои мене не ме допираат, го замолувам да одговори на прашањето. Еве да одам чекор напред да прашам дали тој стратегист е истиот стратегист кој е во користен во Република Србија за потребите на претседателот на таа држава,“ рече Николоски.

Слични содржини