Јанева побара да може и политичките партии кривично да одговараат

од Vladimir Zorba
120 прегледи

Актуализирање на кривичната одговорност на политичките партии како неопходна алатка во борбата против корупцијата побара денеска првиот човек на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева.

janeva-na-konferencija-za-korupcija

Зборувајќи на меѓународна конференција во Скопје посветена на борбата против корупцијата, Јанева рече дека кривичната одговорност теоретски е овозможена во Кривичниот законик на РМ, каде во член 122, став 6, и партиите се дефинирани како правни лица, но сепак во практиката тоа дело изостанува низ правосудниот систем.

Според нејзините зборови, иако во казненото право сме се ориентирале пред сè кон индивидуалната одговорност, се покажува неопходно да се вратиме и на колективната одговорност, затоа што не ретко, одговорно лице врши злоупотреба во име и во корист на политичка партија, па оттука и неопходноста да може да одговараат и политичките партии.

Јанева повторно во рок од само неколку дена го актуализираше и прашањето за вградување во кривичниот законик и на кривичното дело „попречување на правдата“, бидејќи иако тоа како низа од неколку казнени дела е ставено во законот, не е интегрално и не е јасно дефинирано. Претходно, во Собранието на Македонија, Јанева рече дека СЈО ќе поднесе иницијатива за измена на КЗ и за вградување на делото „попречување на правдата“, поттикната, пред сè, од опструкциите со кои се соочува СЈО.

Специјалната обвинителка Јанева говореше на Регионалниот форум за политики за добро владеење и антикорупција, на тема „Справување со корупцијата и заробената држава во ЈИЕ“ во организација на Програмата на УСАИД./Мета

Слични содржини