Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека Основниот суд Скопје 1 шест месеци одбивал да ги достави доказите за случајот Пуч, каде што се крие одговорот за прислушувањето, информира РСЕ.
Да не ни правеа сопки, досега ќе беше завршена главната расправа за тој случај, рече таа.
Судот прави сопки за да не се дознае кој, кога и со каква цел прислушувал, рече денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. На денешната седница на Собраниската комисија за политички систем, таа рече дека Основниот суд Скопје 1 шест месеци одбивал да ги достави доказите за случајот Пуч, каде што се крие одговорот за прислушувањето. Да не ни правеа сопки, досега ќе беше завршена главната расправа за тој случај, рече Јанева, одговарајќи на прашање на пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Јанева рече дека СЈО го презело предметот Пуч во декември 2015 година, но судот одбивал да им ги достави доказите. По интервенција на Апелациониот суд во април, Судот ги достави доказите до СЈО дури на крајот на јуни годинава, рече таа.
„Се изгубија шест месеци, можеби и повеќе, во овој период во кој можеше да се заврши главната расправа по овој предмет. Прашувам дали Парламентот има намера да ја праша Претседателката на Врховен суд и Судскиот совет кој е виновен за ова одлагање на предметот. Шест месеци еден суд да не постапи по едно барање за доставување докази е срамота“, рече Јанева.
Мукоски претходно ја обвини дека не работи на клучното прашање, односно кој прислушувал и со каква цел и наместо тоа се занимава со, како што рече, тривијални предмети за тоа кој кому требало да удри шамар и кој кого опцул. Тој рече дека Јанева се претворила во алатка за СДСМ да дојде на власт и повторно побара детален финансиски извештај за работата на СЈО.
„Знаете ли што значи специјален јавен обвинител, госпоѓо? Гледате ли колку камери има тука, сите се насочени кон вас, за да помогнете да се разреши ова криза, а не да им помогнете на овие да дојдете на власт. Нив и господ не може да им помогне да дојдат на власт“, рече Мукоски.
Јанева рече дека за финансискиот извештај нема да даде повеќе податоци од оние што се наведени во Шестмесечниот извештај за работа, по што Мукоски им се извини на граѓаните за изборот на Јанева.
„Сакам од мое лично име да се извинам на сите граѓани на Република Македонија што го дадов гласот за Специјалното јавно обвинителство. Ова што сега на крајот го слушнав е врв на ароганција и ова не може да помине во јавноста, не“, рече пратеникот Мукоски.
Пратеникот Горан Милевски од ЛДП, пак, рече дека еднаш засекогаш мора да ги исчистиме политичките партии од, како што рече, џганот и оти не му се верува дека се напаѓа некој што сака да расчисти со криминалот.
„Затоа ќе ја поддржам иницијативата на колегата Павле Трајанов, која ја даде денеска преку соопштение. Барам Катица Јанева јавно да каже, јавно да ги објави имињата кој од пратениците се замешани и се под истрага. Да видиме зошто тука жестоко се борат и ја напаѓаат Катица Јанева. Да видиме дали некој тоа го прави од што така размислува или дека му гори под нозете“, рече Горан Милевски од ЛДП.
Целиот текст можете да го прочитате тука