Јаневска по реакциите за Богојевски: Очекуваме натпартиско однесување, во спротивно ќе се преземат мерки

од Љубиша Владимиров
46 прегледи

Министерката за образование Весна Јаневска смета дека е рано да се суди за работата на новоименуваниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојевски. На новинарско прашање поврзано со неговото назначување, таа одговори дека „директор е само два дена“ и оти треба време за да се процени неговото делување.

„Ги слушам реакциите, но рано е за оценка. Ќе се следи неговата работа. Ако е сѐ во ред и е деполитизиран, нема проблем. Ако не, ќе се преземат мерки“, изјави Јаневска пред почетокот на Економскиот форум организиран од „Фајнанс тинк“.

Назначувањето на Богојевски предизвика жестоки реакции, особено од редовите на ДУИ, кои остро ја осудија одлуката на Владата, обвинувајќи го за, како што велат, „константни навреди и омаловажување на Албанците“. Според нив, токму таквото минато го прави неговото поставување на ваква функција „директна провокација“.

Но, не останаа без одговор. Коалицијата Вреди, партнер во владата, возврати со контрапрашања – зошто ДУИ не реагирале кога Богојевски бил државен советник во Министерството за одбрана? И зошто тогаш неговите ставови не им пречеле, особено додека биле заедно во владејачка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ?

Во целата ситуација се вклучи и самата партија на Богојевски – Македонски концепт. Според нив, нападите од ДУИ се обид да се дискредитира човек кој, како што велат, бескомпромисно се залага за македонските национални интереси. Тие тврдат дека целата негова мисија е да се стави крај на партиските злоупотреби и корупција со европски фондови.

За сега, останува да се види дали овие тензии ќе ескалираат или ќе се смират со конкретни резултати од новоименуваниот директор.

Слични содржини